СТАНИ ЦАЦИ ДА ТЕ ВИДИ СЕРГЕЈ! Лавров доби дозвола да слета во Скопје
Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.
Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни воздухоплови над и во земјава, со што се отвора можноста за евентуално доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.
На денешната седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација, со којашто се ограничува пристапот на воздухоплови на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со којашто Република Северна Македонија е целосно, односно 100-процентно усогласена.
Преку ова дополнување, надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година.
Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки, со коишто, за меѓународни конференции како што е Самитот на ОБСЕ во Скопје, се предвидени исклучоци за предметни рестрикции.
Одлуката на владата, која значи дека нема формална пречка за авион во сопственост на руската држава да слета на некој од аеродромите во Македонија, доаѓа во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29 ноември до 1 декември во Скопје.
Засега нема потврда дека ова значи и доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.
Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од Северна Македонија.
Министерката Славјанка Петровска за можното учество на министерот за надворешни работи на Русија на состанокот на ОБСЕ во Скопје, рече дека не гледа причина Лавров да учествува на овој состанок, „ако се има предвид однесувањето на Русија и нејзината надворешна политика“.