Стаменковска-Трајковска: Наместо за развој, ребалансот е за купување автомобили и за патни трошоци
Со вашето вакво лошо работење направивте 753 милиони евра буџетски дефицит или 32,2 отсто. Нѐ убедувавте дека сѐ е во ред и дека буџетот за годинава е добар, ако беше добар буџетот, ако економијата беше добра зошто тогаш толкав дефицит, зошто сега ребаланс, праша пратеничката Стаменковска-Трајковска.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска-Трајковска на собраниската дебата за ребаланс на Буџетот рече дека истиот говори само за недомаќинско или расипничко работење на Владата и ништо повеќе.
– Со вашето вакво лошо работење направивте 753 милиони евра буџетски дефицит или 32,2 отсто. Нѐ убедувавте дека сѐ е во ред и дека буџетот за годинава е добар, ако беше добар буџетот, ако економијата беше добра зошто тогаш толкав дефицит, зошто сега ребаланс – праша пратеничката Стаменковска-Трајковска.
Според пратеничката, граѓаните и генерално никој не знае кај се потрошени парите од минатата година, а сега исто не се знае ни што ќе прават со оваа милијарда.
Стаменковска-Трајковска укажа дека СДСМ само зборува што направило ВМРО-ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ направи многу, а јавниот долг беше околу 40 отсто, а сега е нешто повеќе и од 65 отсто. Тоа е огромна разлика -рече Стаменковска-Трајковска.
Обраќајќи се на министерот за финансии, Фатмир Бесими, пратеничката потсети дека говорејќи минатата година за буџетот на 2021 година рекол дека сѐ е плански.
– Да, убедувате дека се е плански, ама во реалноста гледаме некои сосема други работи. Гледаме зголемување на средства за патни трошоци, за купување автомобили и слично. А вие најавувате дека буџетот за 2021 година ќе биде за економско заздравување, а реалноста покажа дека за ништо не ве бидува – рече Стаменковска – Трајковска.