ВОЗИ, ВОЗИ, СОПНИ СЕ Велосипедските патеки полни со стакло, гранки и со смет

Паднатите гранки со денови, а можеби и недели некогаш стојат на патеките. Не за друго, се случува доколку поминам преку гранките да си ја дупнам гумата, но исто така и да удрат во педалите, па да паднам и да се повредам, вели скопјанецот Горан.

358

Скршени стакла, паднати гранки, смет, оваа е сликата со која речиси секој ден се соочуваат корисниците на велосипедските патеки во главниот град.

Скопјани се жалат дека често ги дупнуваат гумите на велосипедите и на тротинетите, а со тоа си ја загрозуваат безбедноста, но од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека нивните екипи често ја одржуваат чистотата, како на патеките, така и на околу поставените садови за остава на смет.






– Често на велосипедските патеки има многу скршени стакла и гранки, па поради тоа морам многу да внимавам. Неколку пати ми се има случено додека одам накај работа да не ги забележам и потоа настанува проблем кога треба да се вратам дома, затоа што гумата ми се дупнала. Морам да одам да купам друга гума, па да најдам некој да ми ја промени и така се изложувам на дополнителни трошоци, како и на дополнително трошење на моето слободно време – ни изјави Јована која откако се затопли времето со својот електричен тротинет се движи по скопските патеки.

Скопјанецот Горан пак ни рече дека особено проблем при користењето на велосипедските патеки се паднатите гранки, а особено тоа се случува кога во градот ќе заврне дожд или ќе задува ветер.

– Паднатите гранки со денови, а можеби и со недели некогаш стојат на патеките. Не за друго, се случува доколку поминам преку гранките да си ја дупнам гумата, но исто така и да удрат во педалите, па да паднам и да се повредам. Често ги гледам луѓето кои се задолжени за одржување на хигиената, како средуваат на патеките за пешаците, но многу ретко и на велосипедските патеки. Не знам, толку им е тешко „една метла да удрат“? Мислам градоначалниците промовираат Скопје-вело град, даваат субвенции за велосипеди, се прават патеки, ама одржувањето некако не им оди од рака – додава тој.

Од Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ за Плусинфо велат дека често се одржуваат и велосипедските патеки во главниот град.

– ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ е задолжено за одржување на хигиената на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, преку секојдневно машинско (сезонско) и рачно миење, како и машинско и рачно метење. Претпријатието обрнува особено внимание при одржувањето на највисокото ниво на хигиената на велосипедските и пешачките патеки што се наоѓаат во склоп на овие сообраќајни површини – ни рекоа од претпријатието

Оттаму додаваат дека тие не се задолжени за одржувањето на хигиената на општинските улици, како и велосипедските патеки што се лоцирани во Градскиот парк.

Од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ велат дека граѓаните можат на нивниот дежурен телефон секогаш да пријавуваат поплаки и службите навремено да реагираат.

– Досега на дежурниот телефон на ЈП Комунална хигиена-Скопје не е пристигната ниту една поплака дека на велосипедска патека во некоја скопска општина е забележан отпад што би ја загрозил безбедноста во одвивањето на сообраќајот – ни изјавија од претпријатието.

Корисниците на велосипедските патеки често се жалат дека особено смет и стакла има околу контејнерите кои се поставени во непосредна близина на самите велосипедски патеки и дека таму стојат со денови. Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје велат дека нивните вработени се задолжени, откако ќе испразнат контејнерите, треба да средат наоколу.

– Екипите коишто се задолжени за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите поставени на јавни површини имаат обврска да извршат метење и на микролокацијата на самите садови – велат од Комунална хигиена.

Поврзани содржини