Стаклените очи на власта и креирање безидентитетска историја

Проектирано во политичката реалност на македонското општество, министерката Царовска и нејзиниот тим избраа да го видат само тоа што нив им одговара! Избраа да не ги слушнат ставовите на мнозинството интелектуалци.

877

Министерството за образование и наука ја даде својата оцена за минатонеделната јавна расправа во Собранието на Република Македонија околу нацрт-концепцијата за основното образование.

Истата резултирала со обезбедена „силна поддршка“ за Министерството – што несомнено ги изненади и самите академици, професори, наставници на кои се повикува. Другите говорници на расправата, и тоа мнозинството кои истапија со остри и суштински критики речиси во однос на сите сегменти на концепцијата – за Министерството и за министерката Царовска едноставно не постоеле. Од причина што не понудиле аргументи во прилог на концепцијата!






Шекспировски поставена „да се биде или не“ (Хамлет, 3.1), расправата за концепцијата евидентно прераснува во класична политичка театарска претстава, каде власта според однапред подготвено сценарио гo третира како постоечко само тоа што сака да го види и слушне, режирајќи перцепција дека тоа било единственото видено и слушнато! Како сцената со кралот Лир во истоимената Шекспирова драма кој го советува војводата од Глостер:

„Никој не греши, никој, велам никој. Јас тврдам.
Слушни што ти вели, пријателу,
оној што има моќ
устата на тужителот да му ја затне. Набави си стаклени очи,
и, како презрен политичар,
преправај се дека го гледаш
и она што не го гледаш“ (Шекспир, Кралот Лир, 4.6).

Проектирано во политичката реалност на македонското општество, министерката Царовска и нејзиниот тим избраа да го видат само тоа што нив им одговара! Избраа да не ги слушнат ставовите на мнозинството интелектуалци. Одбија да ги видат реакциите на речиси сите високообразовни и научни институции, на здруженијата, Претседателството на МАНУ. Решија да продолжат со однапред подготвеното сценарио на политичката претстава насловена „Концепција за основно образование“!

Meѓутоа, не сите го прифаќаат советот на кралот Лир за набавка на стаклени очи, избирајќи наместо тоа да гледаат со сопствените. А што може да се согледа, надвор од стаклената призма на власта и за неа „постоечките“ поддржувачи, освен што јавната расправа се сведува на обична фарса.

Исто како што ад-хок презентацијата на јавната расправа требаше да создаде привид за изменета нацрт-концепција, заокружен со изјавата на Министерката дека со тоа се „слуша гласот на граѓаните“ и се артикулираат нивните „стравови“.

Креираниот привид мошне лесно се разобличува со очигледното формално преименување на предметот „Општествени науки“, кој и без тоа во самата нацрт-концепција (по иницијалните остри реакции) беше дефиниран од авторите како погрешен и провизорен. Механичката замена на погрешното име со „правилното“ – „Историја и општество“, воопшто не значи и концептуална промена.

Освен формалната промена на името на предметот – во кој сега фигурира и „историјата“ – во целост е задржан истиот концепт од претходно. Привидот е постигнат – барем за оние кои веќе набавиле или претстојат да си набават стаклени очи!

„…друго не се гледа,
а ако се гледа,
тоа е привид на окото лажно,
кое, не за вистината
туку за привидот плаче и е тажно“ (Шекспир, Ричард Втори, 2.2).

Реалноста е сепак друга.

Независно од креираниот привид со механичкото додавање на називот „Историја“ кон погрешното име „Општествени науки“, кое сега станува „Историја и Општество“, Историјата нема да биде изучувана како посебен предмет.

Историјата ќе биде и натаму дел од модуларните содржини во кои преку именскиот дел „општество“ ќе се спојат „општествената географија, граѓанското образование, религиите, етиката …“.

Трите точки се оставени за да се додадат и други сеуште неименувани дисциплини, за сметка на историјата – по потреба.

Суштински и концептуално ништо не е сменето, бидејќи во концепцијата е задржан минимизирачкиот однос кон предметот Историја, кој губејќи ја досегашната посебност ќе биде сведен на еден од мноштвото интегрирани модули, со неизвесна процентуална застапеност и содржина.

Учебниците по историја автоматски ќе бидат ставени ад-акта со самото официјализирање на концепцијата. Веднаш потоа ќе се пристапи и кон реализирањето на крајната цел – креирање на наставни програми и тоа веќе за идната учебна година, со однапред договорени концептуални протагонисти кои ќе определуваат како треба да се пишува и изучува новата „правилна“ историја.

Во тој контекст, „постоечките“ историчари за Министерството и Министерката, беа видени и слушнати на јавната расправа, бидејќи во целост ги поддржаа предодредените цели на концепцијата. Но, тие не беа таму само за да создадат привид на промена.

Преземајќи ја улогата на сaмо-промовирани исклучиви и ексклузивни репрезенти на македонската историска наука и историографија, тие всушност обзнанија кои концептуални принципи се веќе договорени и ќе бидат услов за пишувањето на „правилната“ историографија, како и при креирањето на наставните програми од кои ќе произлезат коректно „избалансираните“ учебници по историја (односно тоа што ќе остане за историјата од другите дисциплини инкорпорирани во заедничкиот предмет со општество).

Зборуваа за „деполитизација на минатото“ за неприфатливоста од „прилагодувањето на минатото кон современите политички потреби“. A притоа го игнорираа фактот дека самите тие се дел од мешовитата комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, што ги прави продукт на политички договор и инструмент за менување на националниот наратив.
Зборуваа за принципиелната одговорност на историчарите, „кои мора цврсто да се држат до највисоките морални и научни стандарди, да се борат за примена на најсовремени историографски методи и достигнувања, спротивставувајќи се на политичките притисоци, без компромис“.

А самите тие од неодамна прифатија во мешовитата комисија да им се забрани официјалното користење на придавката „македонски“ за сопствена само-идентификација, со далекусежни импликации за идното терминолошко дефинирање на историјата, јазикот, учебниците, за идентитетот на народот и нацијата.

Оттаму, не изненадува и отсуството на придавката „македонски“ во нивното внимателно конципирано обраќање на расправата при споменувањето на националната историја, историографијата и учебниците.

„…нè учеа уште од постанокот на државата,
дека светот секого сака на власт дури овој секој не дојде на власт;
и дека зафатениот од одлив, иако невреден за љубов, станува сакан кога ќе го снема.
Обичниот народ е како откината
перуника што ја носи реката
де ваму де таму
спроти која струја ќе ја зафати,
дури најпосле не изгние во вртлогот“ (Шекспир, Антоније и Клеопатра, 1.4).

Зборуваа дека историјата „не е етнички омеѓена и изолирана“, дека е „испреплетена, и е под влијание од минатото на другите народи и држави околу нас“. А паралелно во својство на членови на комисија за историски и образовни прашања, без претходен консензус на фелата историчари, одлучуваат што од македонската историја е „заедничко“ со Бугарија, давајќи ѝ со тоа „бугарски“ етнички предзнак уште од средновековието.

„Принципиелно“ проблематизирајќи ја македонската историографска наука, а со тоа и своите колеги историчари (а делумно и самите себеси), зборуваа за неопходноста од „нови толкувања на некои познати извори“ и за „постојано преиспитување и реконтекстуализација на минатото“. Меѓутоа, не сакаат притоа да признаат (барем себеси), дека преиспитувањето на македонската историографија и реконтекстуализацијата на минатото, всушност е принудно диктирано и условено од политичките договори и агенди, кои самите тие ги реализираат.

Зборуваа за неопходноста од примена на современи научни методи при пишувањето на историјата, дека историјата „не може да се разгледува етноцентрично“. А како членови на комисијата ги прифаќаат националните тези на бугарските колеги засновани на етноцентричните историографски конструкти од 19 век.
Себе-претставувањето за „современи“ историчари е крајно субјективна категорија, што отстапува од принципите на научната скромност, а во крајна линија изискува верификувана афирмираност преку сопствената начна продукција. Исто како што и дел од теориите на кои самите се повикуваат, стануваат анахрони во модерната историографска критичка мисла, вклучително и за средновековието. Создаваат привид на научна дебата во комисијата, а во суштина нивната досегашна улога се сведува исклучиво на преиспитувањето на македонската национална историја, за сметка на некритичкото прифаќање на наративот на други нации, и тоа како свој.

„Државата што ја проучував долго
сега ми се чини ко нешто читано често
што влева страв и станува здодевно. Господството мое,
кое, да не чуе никој,
гордост беше моја,
би можел со ќар да го трампам за обичен пердув што од бес ветрот го бие“ (Шекспир, Со иста мера, 2.4).

Зборуваа за неопходноста од денационализација и демитологизација на историјата. А не објаснуваат дека националната историја е израз на традициите и стремежите за државност на народот кој ја создал државата, а со тоа и нацијата. Не сакаат да признаат дека секој народ го гради националниот наратив врз сопствени митови и национални херои, а нивното присуство во меморијата на нацијата е суверен израз на идентитетот и посебноста од другите нации. Не кажуваат дека не постои ниту една нација во светот без историски митови и национални херои – бидејќи самите тие преговараат за нивно денационализирање и отстапување на друга нација, етикетирајќи ги како „заеднички“ или „споделени“.

Зборуваа дека историјата не смее да се претвори во „исклучива алатка за формирање на националниот идентитет“. А истовремено предупредуваат дека ваквиот „принципиелен“ приод може да доведе до замка од преголемата „редукција на сопствената национална историја, во име на некои интегративни процеси кои се случуваат во македонското општество“!?
Не објаснуваат за кои интегративни процеси го ставаат минатото на нацијата како залог, како што останува нејасно и за кој национален идентитет зборуваат, бидејќи не го идентификуваат! Исто како што не ја употребуваат придавката македонски за историјата и за нацијата, чијашто меморија претендираат да ја денационализираат и променат во согласност со принципите кои самите ги определуваат, а важат само за нив и за нивните истомисленици!

„…Сите очи да се слепи ко зашиени, освен нивните, нивните само,
за невидени да грешат? Дали ова е ништо? Ако е, тогаш и светот сосе сè во него, е ништо, небото над нас е ништо“ (Шекспир, Зимска прикаска).

Гледајќи ги ваквите единствено „постоечки“ историчари и нивната предодредена улога во политичкото сценарио на претставата наречена „Концепција за основно образование“, станува сосема извесно дека е крајно неопходно обединување на историската фела во Република Македонија. Вистински и реално применливи принципи за националната историографија и за учебниците се оние кои ќе произлезат од постигнатиот широк научен консензус помеѓу историчарите, а не од поединци кои претендираат да се себе-позиционираат како единствени нивни репрезенти и тоа само затоа што таквата улога политички им е доделена и истата ја користат.

Преиспитувањето на македонската историографија не може и не смее да биде неопходност, само затоа што поединци сметаат дека тоа е така, а уште повеќе сакаат да го претстават како принцип на „современата“ историографија. Дотолку повеќе што истите тие поединци се политички условени да преговараат за националниот наратив, што ги прави самите креатори и истовремено егзекутори на промената на македонската историографија, на наставните програми и на учебниците.
Не може да се поставува како „современ“ принцип неопходноста од промената на националниот наратив, а истото да произлегува како услов на политички договор.

Уште помалку може „редукцијата на сопствената национална историја“ да се претставува како принцип на модерната историска наука – што е сосема непозната практика во демократските и суверени земји.

Како принцип ја промовираат и неопходноста од промената на наставните програми и учебниците по историја. А притоа не кажуваат дека бугарските колеги од мешовитата комисија, како клучна цел го поставуваат токму отстранувањето на „погрешната“ и „фалсификувана“ македонска историја во учебниците, отворено демонстрирајќи дека преку променетите „коректни“ учебници претендираат да продуцираат нова идентитетска свест на досега идеолошки „заблудените“ генерации.

„Што да мислам за ова навистина не
знам, но колку што ми фаќа умот во ова гледам некаков лош предзнак за државава наша“ (Шекспир, Хамлет, 1.1).

Принципиелност е пред да ги прогласат за „неопходни“ принципите кои самите ги поставуваат за промена на историографијата, за креирањето на наставните програми и за пишувањето на новите учебници, истите да го поминат филтерот на научниот консензус преку дебатите со колегите историчари. За да го чујат и другото мислење, освен сопственото – независно што нивното како единствено „правилно“ веќе го издигнуваат на ниво на принципи и критериуми во концептуалната реформа на македонскиот образовен систем, во која самите се креатори и извршители.
Во спротивно, ќе останат осамени во политичката претстава наречена „Концепција за основно образование“ со доделената улога на егзекутори на промената на историјата на македонската нација. Ќе се најдат сосема изолирани во нивните намери за конструирање на нова национална историја на „Република Северна Македонија“, чијашто рефлексија во наставните програми и променетите учебници ќе има за цел да создаде идни генерации ученици со стаклени очи, кои безрезервно ќе ја прифатат новата инсталирана меморија и свест за „северномакедонска“ нација – без минато и со крајно неизвесна иднина!

„Којзнае кога си настанал светy,
еј, дожду, ој ветру вгнезден,
но сеедно, драмава ни завршува ето,
ќе се трудиме да ви се допаѓа по везден“ (Шекспир, Спроти водици, 4.1).

„Крајот го краси делото;
и оној стар сеопшт судител, времето,
еден ден ќе пресуди“ (Шекспир, Троил и Кресида, 5.2).

* Шекспировите цитати се преземени од препевот на Драги Михајловски, Вилијам Шекспир. Сите драми и сонети (Скопје: Каприкорнус, 2013).

Поврзани содржини