СТАБИЛНИТЕ МОНЕТИ ВРЗАНИ ЗА ДОЛАРОТ ЗАКАНА ЗА ЕВРОТО Европската централна банка пред предизвик како да се справи со тоа

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, претходно ги повика европските лидери да го искористат „евро моментот“ за да ја зајакнат улогата на единствената валута, но развојот на настаните на пазарот на криптовалути се чини дека оди во спротивна насока.

384

Растот на стабилните монети, криптовалути врзани за американскиот долар, претставува сериозна закана за европските напори за зајакнување на глобалниот статус на еврото. Овој тренд би можел да ја ослабне контролата на Европската централна банка (ЕЦБ) врз економијата, изјавија тројца претставници на ЕЦБ за Политико.

Загриженоста на креаторите на политиките е зголемена поради фактот дека пазарната вредност на овие дигитални средства се зголеми повеќе од двојно за помалку од две години, скокнувајќи од 125 милијарди долари на приближно 255 милијарди долари, при што речиси 99% од таа вредност е поврзана со американскиот долар.






Службениците стравуваат дека растечкото прифаќање на стабилните монети би можело да ја зацврсти доминацијата на доларот во глобалните финансии и да ги намали надежите дека еврото ќе стане сериозен конкурент.

– Овој тренд им штети на европските напори за зголемување на меѓународната улога на еврото и геополитичкото влијание што доаѓа со него – рече еден член на Управниот совет, кој сакаше да остане анонимен.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, претходно ги повика европските лидери да го искористат „евро моментот“ за да ја зајакнат улогата на единствената валута, но развојот на настаните на пазарот на криптовалути се чини дека оди во спротивна насока.

Американската администрација, имено, го поддржа развојот на стабилни монети поврзани со доларот како начин за зајакнување на сопствената валута.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, предупреди на „дестабилизирачки ефекти“ како резултат на „дигиталната доларизација“, особено на пазарите во развој. Сепак, опасноста се заканува и на самата еврозона.

„Доколку стабилните монети во американски долар се користат широко во еврозоната, без разлика дали за плаќања, штедење или порамнување, контролата на ЕЦБ врз монетарните услови би можела да ослабне“, напиша советникот за дигитално евро, Јирген Шаф, во блог пост минатата недела.

„Без стратешки одговор, европскиот монетарен суверенитет и финансиската стабилност би можеле да бидат поткопани“.

Со години, претставниците на ЕЦБ го претставуваат воведувањето на дигиталното евро како најефикасен одговор на заканата од странски дигитални валути. Целта е да се понуди сигурна алтернатива во евра што би им го олеснило на граѓаните и компаниите да останат во рамките на монетарниот систем на еврозоната.

Лагард ги засили напорите за напредување на проектот.

-Законодавната рамка што би го отворила патот за потенцијално воведување на дигиталното евро треба брзо да се воспостави – рече таа во јуни, нарекувајќи го „стратешки приоритет“.

И покрај ова, Управниот совет останува скептичен кон стабилните монети, верувајќи дека тие не ги исполнуваат стандардите за „здрави пари“ и страдаат од недоволна регулатива. Сепак, некои признаваат дека стабилните монети врзани за еврото би можеле да послужат како мост додека дигиталното евро не се развие.

Економистите се поделени, но Јенс ван ‘т Клостер, Едоардо Мартино и Ерик Моне веруваат дека имитирањето на американскиот модел би било стратешка грешка.

„Не е ниту реално, со оглед на предноста на доларот како постоечка валута, ниту евроизацијата на трети земји преку ризични стабилни монети сама по себе е добра за ЕУ“, напишаа тие.

Наместо тоа, тие го повикуваат Брисел да се фокусира на позиционирање на еврото како глобално безбедно засолниште.

– ЕУ треба да се држи до промовирање на интернационализацијата на еврото како безбедно средство кое може да се чува на неодредено време – велат тие, тврдејќи дека ова ќе ја зголеми побарувачката за единствената валута на долг рок.

Стабилните монети се дигитални токени чија вредност е поврзана со официјална валута – на пример, доларот или еврото – и се користат за брзи плаќања и тргување на пазарите на криптовалути.

Споредбата на стабилните валути и долари на картичката открива неколку клучни разлики што ги прават стабилните валути иновативни во секојдневните финансии и бизнис: инстантни и глобално достапни трансакции, пониски и предвидливи такси, неповратност и поголема контрола, трансакции без посредници , поголема флексибилност за програмирање на трансакциите како и непосредна достапност и ликвидност.

Поврзани содржини