Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа

Од Министерството истакнаа дека во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.

176

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба. Во рамките на предвидените мерки во оперативниот план, полициските службеници непречено ги реализираат мото-патролите низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството истакнаа дека во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.






– Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини – информираа од МВР.

Од Министерството упатија апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21 до 05 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.

– Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик – наведоа од МВР.

Поврзани содржини