ССК ГО ДЕМАНТИРА ФИЛИПЧЕ Ние немаме побарано задолжителна вакцинација, туку стимулативни мерки
Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност, се вели во демантот.
Сакаме да истакнеме дека вчерашната изјава на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна и ја демантираме во целост, стои во демантот од Сојузот на стопански комори.
– Ниту од наша страна е испратено писмо на кое тој се повикува, ниту такво нешто сме барале од Министерството, бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност – се вели во демантот.
Оттаму додаваа дека заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.
– Сојузот на стопански комори овие две години уште од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата – велат од ССК.