СРПСКОТО НЕЗАВИСНО ЗДРУЖЕНИЕ НА НОВИНАРИ ПОВИКА ДА СЕ ИЗБРИШАТ ФОТОГРАФИИТЕ Локалните медиуми ги прекршиле стандардите при известувањето од погребот
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите во државата што известуваат за погребот во Кочани веднаш да ги избришат фотографиите и да ги приспособат вестите на етички и професионални стандарди, јави дописникот на МИА од Белград.
НУНС смета дека денешното известување на повеќе српски медиуми што објавија потресни и вознемирувачки фотографии е длабоко неморално и неприфатливо.
Објавувањето фотографии и видеа од гробни места, членови на блиско семејство и приватни моменти е директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на лицата за кои станува збор.
„Би сакале да истакнеме дека Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица и дека новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето и да ги заштитат нивните права. Известувањето за погреби и објавувањето фотографии не е во јавен интерес“, се наведува во реакцијата а НУНС.
Законот за информации и медиуми го штити достоинството на лицето на кое се однесуваат информациите и затоа го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо.