Бевме во еден ресторан на еден пријател, а кога слушнавме што се случува на улиците, се спуштивме во подрумот и чекавме да помине нападот – изјавил српскиот пејач Дејан Матиќ (42) во интервју за „Ало“. Тој со сопругата Јелена уживаа во срцето на Австрија, а безгрижната вечер наскоро се претворила во вистинска драма.
– Терористички напад, терористички напад. Засолнете се – викаа минувачите додека трчаа пред куршумите на терористот во Виена. Музичарот во тоа време имал среќа бидејќи во моментот на нападот бил во ресторанот, а не на улиците.
– Слушнавме сирени, а на улиците настана вистински хаос. Се чувствував како да сум во засолниште бидејќи војната се одвиваше. Некои се исплашија, а јас се обидов да останам смирен – открил музичарот. Оние што се затекнале на улиците спас побарале во околните објекти.
– Дознавме и дека напаѓачот се движи во „нашиот“ дел од градот. Еден човек, бегајќи од терористот, упадна во ресторанот. Не можеше ниту да зборува. Тој беше сведок на нападот, па побегна кај нас. Кога јавија дека ситуацијата е побезбедна, јас и сопругата влеговме во такси и отидовме дома. Нашите деца беа со дадилката, а спиеја за време на нападот, па не беа ниту свесни што се случува – рекол потресениот Матиќ.