Српскиот јазик повторно ќе се изучува како изборен предмет, најави Заев
Ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение.
Српскиот јазик повторно ќе може да се изучува како изборен предмет. Ова премиерот Зоран Заев денеска го соопшти на Фејсбук во честитката до граѓаните од српската заедница кои го празнуваат својот празник – националниот ден на Србите, кој се прославува на денот посветен на Свети Сава.
– Ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет – напиша Заев на Фејсбук.
Тој информира и дека во Општина Центар се завршени постапките за изградба на Српски културен центар кој ќе почне да се гради годинава, истовремено кога во соседна Србија ќе се реализира и идејниот проект за Македонскиот културен центар во Белград.