Средношколците по празниците најавија протести ако министерката за образование Мила Царовска не се премисли за електронските учебници. Средношколски глас информира зошто се против одлуката на МОН за воведување е-учебници.
– Сметаме дека одлуката за воведување на електронски учебници е лоша најпрво од здравствен аспект, свесни сме сите, а и докажано е дека долгорочно седење пред компјутерските екрани е штетно. Другиот битен аспект е што постојат голем број на училишта без основни услови за настава и со самото тоа голем број училишта не се опремени со компјутери за да функционира тоа. Министерката изјави доколку учениците немале можност за таква настава ќе требало да ги фотокопораат учебниците, но тоа е финансиски невозможно за некои семејства. Едно семејство со две деца за почетокот на таква школска година ќе треба да издвои цела просечна плата – велат од Средношколски глас,
Средношколците сметаат дека се потребни нови реформи во образованието, но дека ова е далеку од некаква реформа.
– Протести ни се единственото решение доколку министерката продолжи со инаетењето и едноумието, но се надеваме дека министерката ќе се освести. Овој период не планираме никакви протести поради празниците и големиот број на заразени, но за периодот после тоа ќе видиме – велат од Средношколски глас.