СРЕДНОШКОЛЦИТЕ БАРААТ НАСТАВА Преговарајте за време на викендот
21 април ќе биде деветиот работен ден од прекинувањето на наставниот процес за огромното мнозинство средношколци во Северна Македонија. Ова значи дека учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес, предупредуваат средношколците.
Една од клучните заложби на Сојузот на средношколци е борбата за поквалитетно образование. Токму затоа ние бевме единствената организација во државата, која заедно со претставништвото на УНИЦЕФ, се залагавме континуирано за враќање на учениците во клупите било тоа преку комбинирана настава или настава со физичко присуство. Од тие причини, чувствуваме обврска и одговорност да се огласиме по сегашните случувања во образованието, се вели во соопштението испратено од Сојузот на средншколци.
„21 април ќе биде деветиот работен ден од прекинувањето на наставниот процес за огромното мнозинство средношколци во Северна Македонија. Ова значи дека учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес. Потсетуваме дека станува збор за генерација која веќе изгуби цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст. Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се вон нормалниот образовен процес. Уставот е дециден: тој ги гарантира и правото на штрајк и правото на образование. Членот 38 го гарантира правото на штрајк. Во членот 44 се вели: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови“. Меѓутоа, се наоѓаме во ситуација во која остварувањето на едното право го оневзможува остварувањето на другото – велат од Сојузот на средношколци.
Оттаму додаваат дека двете страни се одговорни за загубата на наставата во изминативе две недели, односно одговорни да најдат решение во интерес на средношколците.
„Го повторуваме нашиот апел за брзо решавање на прашањето меѓу Владата и СОНК преку интензивирање на преговорите за претстојниот период. Бараме Сојузот да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал“, меѓу другото се порачува со соопштението.