Средношколци од три училишта денеска не ги вклучија компјутерите, не сакаат дигитални учебници
Јас секогаш ќе им дадам поддршка на учениците доколку решат да бојкотираат ако имаат силни аргументи за такво нешто, но сметам дека овојпат тие немаат ниту еден аргумент за да не посетуваат настава, изјави Атина Томовска, директорка на средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје.
Голем дел од учениците од средните скопски училишта „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Здравко Цветковски“ денеска одлучија да не ги вклучат компјутерите во знак на револт поради најавениот закон за укинување на учебниците и воведување дигитални учебници.
Професори од овие училишта за Плусинфо брифираат дека еден мал дел од учениците, кои не биле информирани за бојкотот, денеска се вклучиле на првиот онлајн час, но подоцна и тие одлучиле да ги затворат лаптопите.
– Бојкотираат учениците од гимназиите „Никола Карев“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Здравко Цветковски“, а мал дел од учениците бојкотираат во средното медицинско училиште. Децата уште вчера им најавиле на своите класни раководители дека од денеска нема да присуствуваат на онлајн часовите поради законот за укинување на учебниците. Тие се против дигитални учебници и бараат да се слушне нивниот глас – вели професор од „Никола Карев“.
Директорката на средното училиште „Здравко Цветковски“, Атина Томовска, за Плусинфо потврди дека учениците денеска ја бојкотираат наставата, но како што вели, во ова училиште бојкотираат само три или четири одделенија.
– Кај нас неколку ученици бојкотираат од три или четири одделенија. Кога ги прашавме зошто бојкотираат, тие ни одговорија дека другите училишта бојкотираат, па затоа и тие го прават тоа. Сметам дека овие деца се само понесени од атмосферата и не се доволно запознаени со ситуацијата. Јас секогаш ќе им дадам поддршка на учениците доколку решат да бојкотираат ако имаат силни аргументи за такво нешто, но сметам дека овојпат тие немаат ниту еден аргумент за да не посетуваат настава. Ние веќе закажавме состанок со професорите, а за ситуацијата ќе ги информираме и родителите – изјави Томовска.
Министерката за образование, Мила Царовска, пак, во денешното гостување во „Утрински брифинг“ рече дека има информации оти синоќа во еден часот по полноќ, опозицијата им испраќала пораки на учениците да не се вклучуваат на часовите со цел бојкот поради дигитализацијата на учебниците.
– Таков тип на бојкот оди на штета само на учениците. Ги повикувам родителите и учениците да не подлегнат на обидите за манипулација. Не само ние, туку и голем број европски институции имаат квалификувано дека најголем извор на лажни вести во земјава е ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски – изјави Царовска.
Претседателот на Соjузот на средношколци, Бленди Ходаи, во изјава за порталот МКД тврди дека Сојузот нема донесено одлука за бојкот на наставата.
– Сојузот на средношколци нема донесено таква одлука. И ние утрово сме информирани дека во некои училишта веќе има бојкот на наставата – рече Ходаи.
Министерството за образование и наука апелира до учениците и до нивните семејства да продолжат да учествуваат во воспитно-образовниот процес за да не изгубат од наставата.
„Бојкотот на наставата значи отпор кон промените кои се креирани согласно времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат. Од интерес е за сите сегашни и идни генерации на ученици, македонскиот национален образовен систем да се развива, да напредува и фати чекор со трендовите и процесите во современиот образовен свет, меѓу кои е и дигитализацијата на материјалите за учење, што кај нас како промена ќе се случува етапно и во овој момент воопшто не ги засегнува средношколците“, се наведува во реакцијата од МОН.