СРЕДНОШКОЛЦИ ФРЛАЛЕ КАМЕЊА ПО СЛОНИЦАТА!? Недолично однесување во скопската зоолошка градина
„Се надевам дека ќе има некакви реперкусии за ова однесување на учениците“ – пишува негувателот на животни во скопската зоолошка градина. Директорот на СУГС „Лазар Танев“ негира дека нивни ученици фрлале со камења по слоницата.
За време на посета на скопската зоолошка градина група ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ фрлале камења по слоницата Даела, а за тоа време професорите пиеле кафе во кафетерија во градината и не реагирале, објави зоонегувателот Виктор Ванчевски на својот профил на Фејсбук.
Директорот на СУГС „Лазар Танев“ негира дека нивни ученици фрлале со камења по слоницата.
„Денеска имав ситуација што искрено ме разочара. Група ученици од средното угостителско „Лазар Танев“ фрлаа камења кон слоницата, додека нивните професори седеа на кафе во кафич. Не сакам да генерализирам – не се сите деца исти, ниту сите професори се неодговорни, но вакви поединци оставаат лоша слика и, уште полошо, нанесуваат стрес и штета на животни кои се под наша грижа. Како зоонеговател, секојдневно гледам колку се чувствителни и интелигентни овие суштества. За нив, ова не е игра“ – сподели Ванчевски во својата објава.
Во постот тој вели дека за инцидентот бил информиран директорот на училиштето и дека тој „изреагирал“.
„Се надевам дека ќе има некакви реперкусии за ова однесување“ – пишува негувателот на животни во скопската зоолошка градина.
Директорот на СУГС „Лазар Танев“ во разговор за Плусинфо негира дека нивни ученици фрлале со камења по слоницата во Зоолошка градина Скопје.
– Проверивме, никој од нашите ученици не фрлал камења. Тоа биле некои деца од страна, не знаеме кои се. Доказ за тоа е што нашата група целосно ја заврши посетата, инаку ќе ни ја прекинеа – рече директорот на СУГС „Лазар Танев“.