Среде епидемијата, двајца анестезиолози заминуваат од ГОБ „8 Септември“

Досега во оваа болница од апарати за дишење, благодарение на лекарите, пред сѐ, анестезиолози и инфектолози, се симнаа двајца пациенти, кои потоа беа пуштени на домашно лекување. Другите стотина кои беа ставени на респиратор не ја добија битката со вирусот.   

978

Среде пандемијата со ковид-19, ГОБ „8 Септември“ ќе работи со двајца анестезиолози помалку, кои во петокот испратиле барање за отказно решение до директорот на болницата ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов. Оваа болничка установа, во која има вкупно 13 анестезиолози, стана ковид центар во кој се хоспитализираат најтешките случаи уште од почетокот на пандемијата.

Двајцата анестезиолози, како што потврдил директорот Костов за медиумите, најавиле дека ќе заминат да работат во приватната болница „Аџибадем Систина“.






Се очекува надлежните да информираат од кои други болници ќе бидат испратени други двајца специјалисти анестезиолози, како замена на колегите кои дале отказ.

Анестезиолозите раководат со интензивните оддели и ги управуваат апаратите за дишење. Само во ГОБ „8 Септември“ на респиратор дневно се ставаат најмалку петмина болни од корона вирусот, чија здравствена состојба е многу тешка.

Досега во оваа болница од апарати за дишење, благодарение на лекарите, пред сѐ, анестезиолози и инфектолози, се симнаа двајца пациенти, кои потоа беа пуштени на домашно лекување. Другите стотина кои беа ставени на респиратор не ја добија битката со вирусот.

Во специјализациите коишто ги доделуваше Министертвото за здравство последниве неколку години, лекарите се обврзуваа да останат да работат во јавното здравство уште 10-тина години.

 

Поврзани содржини