СРЕДБАТА ВУЧИЌ – ПУТИН ПРЕСУДНА ЗА НАБАВКАТА НА ГАС Србија се обидува да добие поповолна цена од Европа
Прелиминарниот датум на средбата меѓу двајцата претседатели е на 25 ноември.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 25 ноември во Москва.
Вучиќ денеска откри дека е добиен прелиминарен датум.
Како што неофицијално дознаваат медиумите во Србија , двајцата претседатели треба да разговараат за проблемите на Косово и Метохија, цената на гасот и актуелната гасна криза во Европа.
Запрашан за средбата со Путин и енергетската состојба, Вучиќ рече дека само несериозните луѓе можат да кажат дека ситуацијата е целосно стабилна и безбедна.
Генералниот директор на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, денеска по враќањето од Москва, каде што преговараше за гасот изјави дека судбината на земјата во однос на енергетиката, односно идниот долгорочен договор меѓу Србија и Русија во врска со снабдувањето со гас, буквално ќе зависи од претстојната средба на двајцата претседатели, Путин и Вучиќ.
– За се што прашавме, баравме и преговаравме, добив одговор дека нашите барања може да ги одобри само претседателот Путин – рече Бајатовиќ.
Сегашниот долгорочен договор за снабдување на Србија за сината енергија важи до крајот на годината.
– Условно сме безбедни до Нова година, и очигледно е дека судбината на идниот долгорочен договор меѓу Србија и Русија, односно „Гаспром“ и „Србијагас“, буквално ќе зависи од претстојната средба меѓу Путин и Вучиќ, што ќе биде во релативно краток период – изјави Бајатовиќ.