СРЕЌНА И ЗДРАВА НОВА 2022 ГОДИНА!
На сите вас, наши читатели и соработници, ви посакуваме среќа, здравје и успех во Новата година во која повторно ќе жонглираме меѓу нашите желби и плановите на универзумот.
Почитувани читатели, изминува втората пандемиска година, исполнета со неизвесност и со тага, но и со мали радости со кои одвреме-навреме го победувавме стравот од вирусот. Годинава научивме да живееме во новото нормално – после долго отсуство се вративме на работа, почна масовната вакцинација (иако сѐ уште е низок процентот на имунизирани во земјава), маските станаа задолжителен моден додаток, се создадоа нови крими-активности како што се лажните сертификати и ПЦР тестови…
На политички план доживеавме уште една долга кампања и локални избори, промени во „бојата“ на општините, смена во раководството на владејачката партија, но и нов мандатар. Сепак, најголемата „честитка“ годинава е економска – од 1 јануари 2022 година ќе плаќаме поскапа струја и парно греење.
Новата година ја почнуваме со повеќе неизвесности – како ќе оди формирањето на новата влада, какви чекори ќе преземе новиот премиер врз чии плеќи веќе натежнаа големи економски предизвици, како ќе биде настроено расположението на соседите, дали ќе има предвремени парламентарни избори, и дали конечно ќе заврши пандемијата, а ако не – дали конечно ќе добиеме достоинствено здравство?
Велат дека преминот кон Новата година е момент да се донесат важни животни одлуки. Така, во текот на следните 365 дена, покрај веќе воспоставената обврска да го чуваме своето и здравјето на другите, да се фокусираме на тоа во што сме најдобри, да научиме да преземаме одговорност за своите постапки, да гледаме далекусежно и да сфатиме дека има нешто поголемо од нас самите, а тоа е јавното добро.
За нас, медиумите, и оваа година беше предизвикувачка. Но, благодарение на поддршката од општествено-одговорните компании, нашите долгогодишни соработници и колеги, успеавме да заокружиме уште една успешна година. На сите вас, наши читатели и соработници, ви посакуваме среќа, здравје и успех во Новата година во која повторно ќе жонглираме меѓу нашите желби и плановите на универзумот. Во таа смисла не е лошо да се потсетиме на една стара молитва: О боже, дај ми храброст да го сменам тоа што можам да го сменам, дај ми сила да го издржам тоа што не можам да го сменам и дај ми мудрост да го разликувам едното од другото.
Нека ви е среќна Новата 2022 година!