СРЕЌЕН КРАЈ НА ПОТРАГАТА ПО 63-ГОДИШНА МАКЕДОНКА ВО НЕА КАЛИКРАТИЈА Ја барале со 3 приватни брода и 2 патролни чамци
Капачката беше пронајдена на копно, во областа на Неа Каликратија, во добра здравствена состојба и според нејзината изјава, не сакаше медицинска помош, соопштија од Крајбрежната служба на Грција.
Крајбрежната служба на Грција спровела спасувачка акција во морскиот дел во Неа Каликратија на Халкидики по пријава за исчезната 63-годишна капачка, македонска државјанка, која била пронајдена на копно и во добра здравствена состојба, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од Крајбрежната служба на Грција, во попладневните часови вчера, крајбрежните власти на Солун и Неа Муданија биле известени од Единствениот центар за координација на истрага и спасување на Крајбрежната служба „за 63-годишна исчезната странска пливачка (државјанка на Република Северна Македонија), во морскиот регион кај Неа Каликратија“.
„Веднаш беше активиран локалниот план за итни случаи, при што во акцијата беа вклучени еден патролен брод на Крајбрежната служба и три приватни брода, а во потрагата на копно учествуваа и две патролни возила. Капачката беше пронајдена на копно, во областа на Неа Каликратија, во добра здравствена состојба и според нејзината изјава, не сакаше медицинска помош“, соопштија од Крајбрежната служба на Грција.