Среќа во несреќа е да се заразите со ковид-19 откако ќе се вакцинирате
Некои истражувања велат дека по вакцинацијата околу 60 отсто од инфицираните биле жени, а тоа е можно поради тоа што имуниот систем на жените поразлично реагира на вакцината отколку кај мажите. Околу 40 отсто од пријавените за инфекција по вакцинацијата биле луѓе постари од 60 години.
Масовната вакцинација против ковид-19 се спроведува во целиот свет, но сепак има мал број случаи на зараза со коронавирусот и по примената вакцина. Како што соопштиле од Центарот за контрола и превенција на болести, ниту една вакцина не ја спречува болеста во 100 отсто од случаите, пренесува „Huffington Post“.
– Тоа не е ништо неочекувано, а бројките се многу мали – истакнала Тејлор Нелсон, специјалист за заразни болести.
Како што објаснуваат научниците, случаите на заразување со ковид-19 по вакцинацијата се помалку сериозни од заразувањето без вакцинација, оти, како што велат, телото веќе има антитела создадени од вакцината.
На пример, околу 27 отсто од инфицираните по вакцинацијата биле асимптоматски случаи, тоа значи дека сериозните исходи на болеста се невозможни.
– Вакцинацијата и натаму предизвикува одредени имунолошки одговори коишто му помагаат на нашето тело во борбата против инфекцијата, а тоа преминува во поблага инфекција. Веројатно и можноста за пренесување на болеста е помала – тврди д-р Нелсон.
Некои истражувања велат дека по вакцинацијата околу 60 отсто од инфицираните биле жени, а тоа е можно поради тоа што имуниот систем на жените поразлично реагира на вакцината отколку кај мажите. Околу 40 отсто од пријавените за инфекција по вакцинацијата биле луѓе постари од 60 години.
Сето ова значи дека не постои јасен образец за тоа која група на луѓе би можела да биде изложена на зараза со коронавирусот по вакцинацијата.
– За жал, само времето може да покаже колку се ефикасни вакцините. Мислам дека најмалку уште една година е потребно да помине за тоа – вели Нелсон.
Од друга страна, пак, Светската здравствена организација (СЗО) постојано ги менува своите насоки за тоа што луѓето смеат да прават поп вакцинацијата. Оттаму велат дека е во ред да бидете во друштво со помала група на луѓе, на отворено и без маски, или, пак, да одите на прошетки или да возите велосипед.
– Фактот што постојат заразени луѓе по вакцинацијата не значи дека вакцините се неуспешни – вели Нелсон.