СРЦЕТО НА НУКЛЕАРНАТА ПРОГРАМА НА ИРАН ПАК ВО ОГАН Израел и САД удрија на денот на иранската нова година

Нуклеарниот комплекс Натанц повторно е цел на напади. Нема потврда радиолошка опасност, но со сериозни последици за безбедноста во регионот. Конфликтот во Иран се проширува со удари на Израел во Техеран, Ирак и во Либан. Претходно Иран упати две интерконтиненатлни ракети далеку во Индискиот Океан. Силите на НАТО се повлекуваат од Багдад откако со дронови беше нападната американската база „Виктори“.

335

Нуклеарниот објект Натанц повторно бил цел на напади, според иранската агенција Тасним. Агенцијата објави дека ударите ги извеле САД и Израел. Инспекциите на терен, според ирански извори, не откриле протекување на радиоактивен материјал, ниту пак постои непосредна опасност за населението што живее во близина на комплексот.

Натанц е најголемиот нуклеарен објект во Иран и клучна точка за збогатување ураниум, сместен околу 220 километри југоисточно од Техеран, и веќе неколку пати беше погоден од почетокот на овој конфликт.






Натанц под оган, без радиолошка закана

Во првите недели од војната, сателитските снимки покажаа оштетувања на неколку објекти во рамки на комплексот, додека Меѓународната агенција за атомска енергија тогаш соопшти дека не се очекуваат радиолошки последици.

Подоцна беше потврдено дека биле бомбардирани и влезовите во подземниот дел за збогатување ураниум, што укажува на обид за директно влијание врз најчувствителните делови од инфраструктурата.

Објектот беше цел и за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни 2025 година, по што следуваа и напади од американските сили.

Експлозии во Техеран, расте притисокот врз престолнината

Во меѓувреме, во источен Техеран биле пријавени најмалку три силни експлозии, додека во текот на ноќта и раните утрински часови детонации се слушале во повеќе делови од градот.

Меѓу погодените области се споменуваат округот Екбатан и Олимпиското село, но засега нема официјални информации за жртви.

Ракети на Иранската нова година

Израел претходно соопшти дека извел повеќе напади врз Техеран на првиот ден од иранската нова година Новруз и Бајрам, што дополнително го засили притисокот врз иранската престолнина.

Конфликтот продолжува да се шири и надвор од директните линии на фронтот. Израел утрово соопшти дека Иран и понатаму испукува ракети кон негова територија, додека Саудиска Арабија пресретнала повеќе беспилотни летала над источните делови на земјата, каде што се наоѓаат клучни нафтени постројки.

Ракети кон Индискиот Океан, нова стратегија на Техеран?

Иран во меѓувреме направил значаен пресврт во воената тактика, употребувајќи ракети со голем дострел.

Цел била американско-британската база „Диего Гарсија“, лоцирана на мал остров во архипелагот Чагос, на околу 4.000 километри од иранска територија.

Според „Волстрит џурнал“, биле испукани две балистички ракети, но ниту една не ја погодила базата, што сепак се смета за силен сигнал за новите капацитети на Иран.

Според Скај Њуз нападот во Индискиот Океан не е неочекуван и доаѓа во време кога британската влада дискретно ја промени својата политика, давајќи им дозвола на САД да започнат напади врз иранските воени објекти од британска територија.

Напади во Ирак, НАТО почнува повлекување

Синоќа најмалку четири беспилотни летала ја нападнале американската база „Виктори“ во Ирак, при што еден дрон удрил во задниот дел и предизвикал пожар.

Во Багдад, ирачки офицер бил убиен во напад со беспилотно летало, за кој властите обвинија „одметнички групи“.

Во вакви околности, силите на НАТО започна постепено повлекување од Ирак, оценувајќи дека станува збор за поширок конфликт во кој Алијансата не сака директно да се вклучи.

Либан под удари, Хезболах повторно на нишан

Израелската војска соопшти дека во текот на ноќта извршила координирани операции во јужен Либан, при што биле убиени четири вооружени борци на Хезболах.

Покрај тоа, израелските воздухопловни сили погодиле неколку штабови на организацијата во Бејрут, додека израелските сили исто така биле нападнати, но без повредени.

Поврзани содржини