СРЦЕТО Е ПРЕСАДЕНО Држиме среќа телото да го прифати
Држиме среќа телото да го прифати новиот орган, напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.
Срцето на нашата хумана сограѓанка продолжи да чука во градите на човек кој добива втора шанса за живот, објави министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук.
„Органодарителството е највисок акт на хуманост. Држиме среќа телото да го прифати новиот орган“, додаде тој.
Како што информиравме денеска, утрово на клиниките за кардиохирургија и урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор.
„По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези на 42-годишна пациентка која ја загуби битката со животот, а нејзина последна желба беше да ги донира своите органи. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-тина години кои се на дијализа“, соопшти утрово Министерството за здравство.