Србите ќе се вакцинираат со кинески вакцини, регионот ќе добие вакцини на пролет
Вакцинацијата против коронавирус во земјите од Западен Балкан ќе почне следната година, освен во Србија, каде веќе пристигнаа 4.875 дози од вакцината на Фајзер/Бионтек, што е доволно за вакцинирање на околу 2.400 лица, со оглед дека се неопходни по две дози по лице за стекнување имунитет.
Официјален Белград очекува во јануари да добие уште околу 21.000 дози од вакцината на Фајзер/Бионтек, што е доволно за околу 10 илјади лица во седуммилионската Србија. Преку Ковакс системот Србија обезбеди 1,8 милиони дози, кои според претседателот Александар Вучиќ ќе пристигнат следната година. Српската премиерка Ана Брнабиќ, која веќе се вакцинираше против коронавирус, соопшти дека наскоро ќе добијат од руските вакцини Спутник, а најголемиот дел од Србите ќе се вакцинираат со кинеските вакцини од производителот Синофарм. Таа најави дека кон почетокот на вториот квартал од 2021 година во Србија ќе пристигна вакцините од АстраЗенека, а подоцна и оние од американската Модерна.
Во Црна Гора, помал контингент вакцини се очекуваат во јануари. Според епидемиологот и претседателка на Собранието на црногорската лекарска комора и Синдикатот на докторите по медицина Милена Поповиќ Самарџиќ, станува збор за мала донација од Европската Унија.
– Вториот контингент се очекува во февруари или во март, преку Ковакс механизмот, но повторно станува збор за мали количини, и сѐ уште не можат да прецизираат за колкава количина станува збор. Сега колегите се интензивно ангажирани на подготовка на документацијата за конкурирање на фармацевтскиот пазар, бидејќи претходното Министерство не ја направи бирократската документација и Акцискиот план неопходен на конкурирање на пазарот – изјави таа утрово.
Според Институтот за јавно здравје на Црна Гора првиот поголем контингент би требало да стаса најдоцна до април.
Министерот за здравство на Косово, Арменд Земај, викендов рече дека Косово, на 7 декември, официјално се пријавило во програмата Ковакс, за да обезбеди вакцини против ковид-19. Ковакс е програма на Светската здравствена организација која има за цел дистрибуција на вакцината за коронавирус и за посиромашните земји. Пратеникот од Демократската партија на Косово Беким Хаџиу за „Газета Експрес“ рече дека стравува дека поради негрижа на Владата, Косово ќе биде последното во регионот што ќе добие вакцини. Пратеничката од Алијансата за иднината на Косово, воедно и претседателка на парламентарниот Одбор за здравство, Аљбена Решитај изјави дека министерот за здравство ја информирал дека снабдувањето со вакцини ќе биде направено во првиот квартал од следната година.
Портпаролот на косовското Министерство за здравство Фаик Хоти рече дека првите вакцини од механизмот Ковакс би требало да пристигнат во март, но дека не е исклучено помала количина да пристигне и претходно.
И Босна и Херцеговина ги очекува првите вакцини до март 2021 година. БиХ преку Ковакс порача 1.232.000 дози од вакцината, по цена од 8,65 евра. Министерството за цивилни работи на БиХ информира дека таа количина е доволна за вакцинална покриеност од 20 проценти, но засега не е познато кои вакцини треба да пристигнат во таа земја.
– Сè уште немаме информации за тоа која вакцина ќе ја добиеме, со оглед на тоа што досега само еден производител има добиено лиценца во Европа, но се очекува во првиот контингент да ја добиеме вакцината на Фајзер/Бионтек. Кантоните се запознати со планот за вакцинација, во наредниот период ќе се формираат тимови за вакцинација, ќе се набават дополнителни капацитети за ладниот ланец и во тек се подготовки за потребите на ултра ладниот ланец. Јавноста ќе биде навремено информирана. Според сега расположливите информации, реално е да се очекува да пристигнат во првиот квартал од следната година – велат од Институтот за јавно здравје на ФБиХ.
Тие наведуваат дека првиот контингент е планиран за здравствените работници, луѓето сместени во центрите за стари и изнемоштени лица, како и вработените во тие домови.
Властите во Албанија очекуваат одредена количина дози вакцини против коронавирус да пристигнат кон крајот на јануари или почетокот на февруари. Албанската министерка за здравство и социјална помош Огерта Манастирлиу рече дека Владата се приклучила на механизмот Ковакс и платила 3,9 милиони долари (околу 3,2 милиони евра) за да обезбеди анти-ковид вакцина за 20 проценти од населението или 570.000 жители, а пристап до тие вакцини прво ќе имаат најризничните групи граѓани.