СРБИН ЌЕ ГИ ОТКУПИ СИТЕ СЛИВИ Родот е во лоша состојба, ќе заврши главно во индустријата

Министерството е спремно да ја доплати разликата до 14 односно 15 денари со цел земјоделците да бидат задоволни. Оваа мерка ќе помине на некоја од наредните седници на Влада како витална мерка и ќе биде исплатена од интервентниот фонд веднаш по завршувањето на бербата, најави министерот.

1,162

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски утрово оствари работна средба со овоштарите и со земјоделците од Делчево, Берово и од Пехчево. Главна цел на разговорите беа пласманот и откупот на сливата од овогодишната реколта, која изнесува околу 2500 тони за овие три општини.

– За жал, родот е во лоша состојба, бидејќи на почетокот на годината имаше град, а за тоа придонесе и топлото време. Едноставно целата слива што се очекува ќе биде претежно намената за индустрија. Она што јас им го пренесов на земјоделците е дека како Министерство сме во сериозни преговори со откупувач од соседна Србија, кој што ќе откупи голема количина слива од овој регион и дополнителни откупувачи за целата количина од 2.500 тони, да се откупи родот, да не ни остане дома – рече Трипуновски.






Она што Министерството денеска во име на Владата им го вети на земјоделците е дека нема да бидат оставени и препуштени сами на себе.

– Напротив како Влада ќе интервенираме со дополнителна мерка за да ја компензираме загубата што ја претрпеле. Ако вкупната цена на сливата оваа година се движи од 9 до 10 денари за кг, ние како Министерство и како Влада сме спремни да ја доплатиме разликата до 14 односно 15 денари со цел земјоделците да бидат задоволни. Оваа мерка ќе ја поминеме на некоја од наредните седници на Влада како витална мерка. Ќе биде исплатена од интервентниот фонд веднаш по завршувањето на бербата – додаде министерот.

Тој најави дека земјоделците ќе ги добијат парите во рок од десетина дена веднаш по завршување на бербата, со цел да го компензираат трошокот и да биде стимул за наредната година.

Трипуновски посочи дека за наредната година Министерството сериозно ќе работи на тоа овој дел од земјава да биде сериозно поддржан за одгледување на сливата, која најмногу успева на подрачјето на Пијанец и на Малеш.

Поддршката ќе се реализира со конкретни програми и мерки кои што ќе значат долгорочно решавање на проблемот со пласманот на сливата, што од друга страна ќе значи зголемен извоз во делот на преработка на примарен земјоделски производ кој со тоа ќе има ефекти и врз самата економија.

Трипуновски за следната 2025 година најави финансирање на изградба на дестилерии, преработувачки капацитети со цел долгорочно да се реши проблемот, а не како досега од година на година, колку да се преброди годината.

 

Поврзани содржини