Србија во август ќе знае дали да препорача трета доза вакцина против коронавирус

Националното тело за имунизација спроведува студија, ги следи производителите на вакцини и нивните студии во врска со третата доза

281

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека одлуката, односно препораката, за „третата доза вакцина“ против коронавирусот ќе биде соопштена до 1 август, јави дописникот на МИА од Белград.

– Националното тело за имунизација спроведува студија, ги следи производителите на вакцини и нивните студии во врска со третата доза. До 23 јули, тие ќе го дадат своето мислење за третата доза на Кризниот штаб, а штабот до 1 август ќе донесе препорака за граѓаните – изјави Брнабиќ за ТВ Прва.






Таа додаде дека се следат студиите за производителите, како и препораките на Светската здравствена организација, но и дека српските експерти ќе ги презентираат своите студии.

– Не доцниме во ова, ќе донесеме одлука со време, за сите да бидат мирни, изјави српската премиерка.

Таа наведе дека бројот на вакцинирани граѓани во Србија сепак не достигнал 50 отсто, и додаде дека надминувањето на таа бројка се очекува во наредните денови.

Таа апелираше до младите да се вакцинираат.

– Процентот на вакцинирани возрасни е околу 48 отсто, но од тој број, само 17 отсто се млади луѓе на возраст од 18 до 30 години.  Интензивно размислуваме за тоа што можеме да сториме. Невозможно е ситуацијата да остане стабилна со вакви бројки. Тоа ме плаши –  кажа Брнабиќ.

Во Србија постои страв од ширење на вирусот поради масовниот собир на музичкиот фестивал „Егзит“, еден од најголемите во Европа, но организаторите и некои експерти уверуваат дека сè ќе помине безбедно.

Влезот на четиридневниот фестивал, од четврток, 8 јули до недела, 11 јули, ќе биде можен само за вакцинирани, оние кои го прележале ковид-19, и оние кои доставиле негативен ПЦР или антиген тест.

 

Поврзани содржини