СРБИЈА, НАЈКРИТИЧНА ТОЧКА ЗА НОВИНАРИТЕ Расте насилството и неказнивоста

Србија бележи над 230 случаи на напади врз новинари со само една осудителна пресуда, но и во останатите земји од Балканот неказнивоста останува правило, а не исклучок. Во Македонија се забележани само три случаи на напади врз новинари, еден завршил со судска пресуда

446

По повод 2 ноември – Меѓународниот ден за борба против неказнивоста за злосторства врз новинари – мрежата Сејф Џурналист предупредува на растечка култура на неказнивост во регионот, со Србија како најкритична точка.

Во базата на мрежата се евидентирани 238 случаи на насилство врз новинари во Србија, од кои 136 се пријавени во полиција и обвинителство. Сепак, само една осудителна пресуда е донесена, додека над 120 предмети сè уште се пред обвинителство, а 33 случаи воопшто не се пријавени.






Сејф Џурналист забележува дека по трагедијата во Нови Сад лани, бројот на физички напади драматично пораснал, особено за време на протести и јавни собири. Загрижува фактот што дел од нападите ги извршиле полициски службеници, а други останале пасивни сведоци. Поради тоа, сè повеќе новинари не пријавуваат насилства, сметајќи дека институциите не нудат заштита ниту правична постапка.

– Неказнивоста станува системски проблем. Без ефективни истраги и санкции, насилството врз новинарите ќе продолжи – предупредуваат од мрежата, барајќи побрзи истраги, конзистентни судски процеси и сигурни механизми за заштита на медиумските работници.

Во останатите земји од регионот, Сејф Џурналист евидентира: 63 случаи на Косово, 36 во Албанија, 30 во Босна и Херцеговина, 24 во Хрватска и 22 во Црна Гора. Иако бројките се помали отколку во Србија, образецот е ист – многу инциденти и малку пресуди, со честa неказнивост и недоверба во институциите.

Во Македонија во 2025 година се регистрирани три случаи на напади врз новинари. Сите се пријавени во Министерството за внатрешни работи. Еден од нив – нападот врз екипата на ТВ Алсат – заврши со осудителна пресуда за напаѓачите, додека другите два случаи сè уште се во постапка: еден пред обвинителството, а друг во рамките на МВР.

Сејф Џурналист нагласува дека неказнивоста не е само закана за новинарите, туку и за демократските вредности, слободата на изразување и правото на граѓаните на вистинита информација. Мрежата апелира до меѓународните организации да извршат притисок врз властите во регионот за поефикасна заштита на новинарите и зајакнување на владеењето на правото.

Поврзани содржини