СРБИЈА ГО КУПИ, МАКЕДОНИЈА УШТЕ ГО КРОИ Два месеца по најавата нема буџет за „молнупиравир“
Од Министерството за здравство за Плусинфо кратко одговорија дека во тек се анализи за процена на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на лекот.
Вчера претседателот на Србија, Александар Вучиќ се пофали дека неговата земја го има купено лекот против ковид-19 на американската компанија „МСД“, во Македонија сè уште се прават анализи за потребните количини.
Од Министерството за здравство за Плусинфо кратко одговорија дека во тек се анализи за процена на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на лекот.
Уште пред два месеци од Здравство ја информираа јавноста дека ќе го набават лекот „молнупиравир“, кој во тој момент беше единствениот лек против ковид-19.
– Министерството проактивно стапи во контакт со производителот на лекот, компанијата „МСД“, и за кратко време ќе започнат преговорите за негова набавка – информираа тогаш од МЗ.
Пред еден месец на прашање на Плусинфо до каде е набавката на првиот лек кој може да помогне во лекувањето на коронавирусот, оттаму ни одговорија дека се започнати преговорите со компанијата МСД, која го произведува лекот „молнупиравир“.
Но, тогаш од Здравство не наведоа детали колкаво количество од овој лек ќе се набави, колку ќе чини и кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените.
Инаку, лекот „молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50%.
За разлика од кај нас, пред речиси два месеци директорката на Републичкиот фонд за здравствено осигурување на Србија (РФЗО), Сања Радојевиќ Шкодриќ изјави дека 50.000 лекови против ковид-19 – молнупиравир, на компанијата „МСД“, ќе пристигнат во Србија во јануари.
Во текот на вчерашниот ден претседателот на Србија, Александар Вучиќ се пофали дека во неговата земја пристигнал лекот за коронавирусот од американската компанија „МСД“
– Ова што го држам во рака е новиот лек за коронавирусот. Тоа се таблети, а една кутија е доволна за еден пациент. Имаме за 11.500 луѓе, а ќе има за 50.000 луѓе. Лекот спасува животи и спречува огромен процент на смртни случаи – рече Вучиќ во видео-обраќањето објавено на Инстаграм профилот на „Будуќностсрбија“.
Српскиот претседател во видеото појасни дека лекот ќе им помогне на луѓето во првите пет дена по позитивниот резултат, а наменет е пред сè за најзагрозените, луѓето со поголем број на килограми, дијабетичарите и кардиоваскуларните пациенти.