СРБИЈА ГО ДОЗВОЛИ ИЗВОЗОТ НА ГАС ВО МАКЕДОНИЈА Ковачевски вели дека имале интензивна комуникација со премиерката Брнабиќ
Ветив дека ќе направиме сѐ и дека ќе работиме секојдневно за никој да не мора сам да се справува со оваа криза. Струја, енергенси и храна мора да има за сите. Токму затоа, по интензивна комуникација со колешката Брнабиќ, официјален Белград реши да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Владата на Србија ја измени Одлуката за привремена забрана за извоз на природен гас, со што гасот сепак ќе може да се извезува во Македонија. Одлуката е ненадејно сменета три дена по нејзиното донесување во четвртокот, на 20 октомври.
„Ветив дека ќе направиме сѐ и дека ќе работиме секојдневно за никој да не мора сам да се справува со оваа криза. Струја, енергенси и храна мора да има за сите. Токму затоа, по интензивна комуникација со колешката Брнабиќ, официјален Белград реши да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Премиерот посочува дека преку политиките на добрососедство, тесната соработка во рамки на Отворен Балкан и преку партнерскиот однос, обезбедена е поддршка онаму каде највеќе треба, односно компресиран гас за училиштата и болниците во многу градови низ земјата.
Пред три недели премиерот Димитар Ковачевски рече дека се водат интензивни преговори со Србија за да се обезбеди гас, но дека набавката мора да се реализира со мултилатерални договори, во кои би бил вклучен и рускиот државен гигант „Гаспром“.
Според срспки Танјуг, привремената забрана која Србија ја донесе на 20 октомври била за да се спречи заканата од критичен недостиг на гас предизвиан од глобалното нарушување на енергетскиот пазар.