Србија ќе ги затвора рестораните во 18 часот, во Хрватска починаа 47 лица за еден ден

511

Во светот досега се заразени 58.004.872 лица со коронавирусот, 40.192.380 пациенти се излекувале, а 1.379.512 починале, се наведува на веб-страницата на „Ворлдметерс“.

Во моментов има 16.432.980 активни случаи. Еден процент од пациентите, односно 102.228, се во критична состојба, додека 16.330.752 заразени лица покажуваат лесни симптоми на болеста.






Соединетите Американски Држави се рангирани на првото место во светот според бројот на пациенти и смртни случаи, со повеќе од 12,2 милиони заразени и над 260.000 смртни случаи.

Индија е на второ место според бројот на потврдени случаи, надминувајќи девет милиони и трето по бројот на смртни случаи, зад Бразил, со речиси 133.000 смртни случаи.

Бразил е зад Индија со повеќе од шест милиони луѓе заразени со вирусот од почетокот на пандемијата, но е на второ место во светот по бројот на смртни случаи (над 168.000).

Франција е на четвртото место, со 2,1 милиони потврдени случаи и повеќе од 48.000 смртни случаи.

Следува Русија, каде од почетокот на пандемијата, се регистрирани повеќе од 2,06 милиони случаи. Русија е исто така на петтото место според бројот на смртни случаи од ковид-19 – над 35.000 луѓе досега го загубија животот како последица од оваа болест.

– Австрија. Во Австрија во последните 24 часа се регистрирани 6.611 новозаразени лица. Најголем број е забележан во покраината Горна Австрија со 1.569, по што следат Виена со 924, Долна Австрија со 919 и Штаерска со 802 заразени.

Во моментов, хоспитализирани се 4.597 пациенти, од кои 697 се сместени на интензивна нега.

Во изминатите 24 часа починаа уште 104 лица, со што вкупниот број смртни случаи од ковид-19 во земјата достигна 2.328.

Во последните 24 часа, во Хрватска се регистрирани рекордни 3.573 нови случаи на коронавирус, а починаа 47 лица. Бројот на активни случаи достигна 19.079. Хоспитализирани се 1.981 пациент, од кои 213 се на апарати за дишење.

Од почетокот на епидемијата, во Хрватска се потврдени 100.410 случаи на коронавирус, од кои 1.304 починале, а 80.027 се опоравиле. До денеска се тестирани вкупно 667.749 лица, од кои 9.877 во последните 24 часа.

– Чешка. Вкупниот број починати од ковид-19 во Чешка двојно се зголеми во ноември и надмина 7.000 луѓе, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

Кон крајот на октомври Чешкa потврди 3.523 смртни случаи како резултат на инфекција со коронавирусот, а до денеска тој број се искачи на 7.021. Властите соопштија дека 5.809 пациенти се новозаразени со коронавирус во земјата.

Бројот на хоспитализирани пациенти се зголеми за 6.307, што е за 1.976 помалку отколку на 6 ноември, кога најголем број луѓе беа примени во болниците за еден ден од почетокот на пандемијата.

Во Чешка, една од најтешко погодените земји во Европа, има пад на бројот на нови случаи и хоспитализирани пациенти, што ги натера властите да ублажат некои ограничувања.

– Србија. Српската Влада, поради влошување на состојбата со епидемијата на коронавирус, денеска донесе седум нови мерки кои ќе се применуваат од вторник, јави дописникот на МИА од Белград.

Новите противепидемиски мерки се однесуваат на намалување на работното време до 18 часот за ресторани, кафулиња, барови, клубови, обложувалници и трговски центри; задолжителна употреба на опрема за лична заштита (носење заштитна маска) во затворен простор, како и на отворено во оние ситуации кога не може да се избегнат контакти; забрана за сите јавни собири со присуство на повеќе од пет лица.

Исклучени од оваа мерка се работни организации, училишта, продавници, трговски центри и слични објекти, кои подлежат на пропишаниот лимит за бројот на присутни лица во секое време во однос на квадратурата на објектот (минимум четири квадратни метри по лице).

Исто така, треба да се овозможи работа од дома на сите вработени чиј што работен процес го дозволува тоа.

Пропишана е строга контрола на обврската за носење заштитна маска во јавниот превоз, со ограничување на максималниот број патници во возилото до половина од декларираниот капацитет на возилото.

Ќе има и строга контрола на спроведувањето на домашната изолација, домашниот карантин (самоизолација), како и сите други анти-епидемиски мерки што се на сила.

Српската Влада наведува дека мерките се ограничени на период од 10 дена и ќе бидат преиспитани во согласност со моменталната епидемиолошка состојба.

„Владата ја користи оваа можност уште еднаш да побара и силно да апелира до сите граѓани да се однесуваат одговорно кон себе и кон другите сограѓани. Сите донесени мерки се насочени исклучиво на зачувување на вашиот живот и здравје“, се наведува во соопштението.

 

 

 

 

Поврзани содржини