СРБИЈА БАРА ДА ГО ОТКУПИ РУСКИОТ ДЕЛ ВО НИС Русите повеќе сакаат да го продадат на трета земја
Постои можност „Нафтена индустрија на Србија“ да биде продаден на американски инвеститори.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, им предложи на руски претставници Србија да го преземе делот во руски посед во Нафтена индустрија на Србија (НИС), со можност, кога ќе настапи стабилизација на глобално ниво, сè да им биде вратено, пишува Вечерње новости.
Меѓутоа, официјална Москва не гледа со голема наклонетост кон ваков исход, истакнува весникот, додавајќи дека, по сѐ изгледа, поприфатлива опција за Русија е да го отуѓи својот дел на некоја трета страна.
Како што се наведува, постои можност да биде продаден на американски инвеститори.
Според весникот, Вучиќ го презентирал предлогот на скорешната средба со претседателот на Управниот одбор на „Газпромњефт“, Александар Дјуков, и со рускиот заменик-министер за енергетика, Павел Сорокин, пренесува МИА.
НИС во моментов е блокирана од САД, како дел од глобалните санкции против Русија, заради војната во Украина, што го оневозможува нејзиното понатамошно нормално работење.