СРАМОТА Е ОВА ШТО СЕ СЛУЧУВА МЕЃУ ИНДИЈА И ПАКИСТАН Трамп, Путин и Гутереш повикаа на смирување на тензиите
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, објави на мрежата Икс дека внимателно ја следи ситуацијата и додаде дека Вашингтон ќе продолжи да ги ангажира азиските соседи за да се постигне „мирно решение“.
Лидерите на САД, Русија и Обединетите нации упатија апели за воздржаност откако Индија изврши ракетни напади врз неколку цели во Пакистан и во пакистанскиот дел на Кашмир, како одговор на смртоносниот напад од 22 април во кој загинаа 26 цивили.
Воената ескалација меѓу двете нуклеарни сили предизвика загриженост во меѓународната заедница, а Вашингтон, Москва и ОН повикаа на деескалација и отворени канали за дијалог.
„Ова е срамота“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги нарече растечките тензии меѓу Индија и Пакистан „срамота“, додека државниот секретар Марко Рубио оствари разговори со официјални претставници на двете нуклеарно вооружени ривалски држави, откако Индија нападна неколку цели во Пакистан и во пакистанскиот дел на Кашмир, објави Ројтерс.
Индија е важен партнер за Вашингтон во рамки на напорите за спротивставување на растечкото влијание на Кина, додека, пак, Пакистан останува сојузник, иако неговото значење опадна по повлекувањето на САД од Авганистан во 2021 година.
Пакистан соопшти дека подготвува одговор на индиските воени дејствија од доцна во вторникот, кои следеа по напад, извршен од исламистички милитанти на индиската страна од Хималајскиот регион на 22 април, во кој загинаа 26 лица.
– Срамота е, штотуку слушнавме за тоа. Претпоставувам дека луѓето очекуваа нешто да се случи, со оглед на минатото. Тие се борат веќе долго време. амо се надевам дека брзо ќе заврши – изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, објави на мрежата Икс дека внимателно ја следи ситуацијата и додаде дека Вашингтон ќе продолжи да ги ангажира азиските соседи за да се постигне „мирно решение“.
Стејт департментот соопшти дека Рубио разговарал со советниците за национална безбедност на двете земји, повикувајќи ги „да ги одржат комуникациските канали отворени и да избегнат ескалација“.
Амбасадата на Индија во Вашингтон соопшти дека индискиот советник за национална безбедност, Аџит Довал, го информирал Рубио за воените дејства, кои се случиле рано во средата според азиско време.
Изминативе денови, Вашингтон ги повикуваше двете страни да соработуваат во деескалација на тензиите и да дојдат до „одговорно решение“.
Високи американски претставници, вклучително и Трамп, изразија поддршка за Индија по нападот од 22 април. Американските власти не го обвинија директно Пакистан.
Минатиот месец аналитичари изјавија дека Вашингтон можеби ќе ги остави Индија и Пакистан сами да се справуваат со тензиите во првите денови, делумно поради тоа што е зафатен со постигнување дипломатски цели во војната на Русија во Украина и во конфликтот меѓу Израел и Газа.
Трамп на 25 април изјави: „Индија и Пакистан ќе си ги средат односите на еден или на друг начин.“
Стејт департментот соопшти дека е во контакт со двете држави на повеќе нивоа, а Рубио минатата недела повторно оствари телефонски разговори со нив.
Русија повикува на воздржаност
Русија ги повика Индија и Пакистан на воздржаност во екот на сè посилната воена конфронтација меѓу двете нуклеарни сили.
„Русија е длабоко загрижена поради ескалацијата на воената конфронтација меѓу Индија и Пакистан. Ги повикуваме страните во индиско-пакистанскиот конфликт да покажат воздржаност со цел да се спречи понатамошно влошување на ситуацијата во регионот“, соопшти руското Министерство за надворешни работи на Русија.
Гутереш е многу загрижен за индиските воени операции
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска повика на максимална воена воздржаност и од Индија и од Пакистан и нагласи дека „светот не може да си дозволи воена конфронтација“ меѓу двете земји, објави УН њуз.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дијарик, изјави дека Гутереш е „многу загрижен“ за индиските воени операции преку Линијата на контрола, што е де факто границата меѓу делови од Кашмир под контрола на Индија и Пакистан, како и преку меѓународната граница на двете земји.
– Генералниот секретар е многу загрижен за индиските воени операции преку линијата на контрола и меѓународната граница. Тој повикува на максимална воена воздржаност од двете земји – рече портпаролот.
Индија вчера изврши ракетни напади од воздух и од земја врз најмалку девет локации во Пакистан, тврдејќи дека цели биле скривалишта на милитантни групи кои стојат зад нападот кон крајот на април во спорниот регион Кашмир во кој загинаа најмалку 26 цивили.
И Хиндуистичка Индија и исламски Пакистан го сметаат муслиманскиот Кашмир за своја територија, иако контролираат само дел од него и веќе имаат водено војни околу регионот.
Индија го обвини Пакистан за нападот од 22 април, но Исламабад ги отфрли обвинувањата и побара независна истрага.