СРАМНА ЗЛОУПОТРЕБА И ПОДЕЛБА НА СТУДЕНТИТЕ, ТРАГЕДИЈАТА НЕ Е ПОЛИТИЧКИ КАПИТАЛ Студентското собрание на Правен бара извинување од колегите од Филозофски

Тагата ни е заедничка. Гневот ни гори во градите. Но, не смееме да дозволиме да нè поделат токму сега, кога најмногу ни треба сплотеност. Ова не е време за лични агенди и индивидуално профитирање – ова е време за борба, за студентска солидарност и заеднички отпор против корупцијата и нефункционалниот систем, соопштија студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ.

681

Студентите се изманипулирани, а трагедијата во Кочани се користи за лични и за партиски цели, остро реагира Факултетско студентско собрание (ФСС) на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ.

Реакцијата се однесува на потегот на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет, чии претставници пред неколку дена изгласаа недоверба на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По ова на социјалните мрежи почнаа да се шират видеа од студенти кои ги предупредуваат другите студенти дека опозициска партија им прави поделба за да ја злоупотреби трагедијата на Кочани за да дојде на власт преку протести.






ФСС на Правен предупредува дека тој потег е незаконски и бара извинување од ФСС на Филозофски.

„Наши колеги, но пред сè, пријатели и сограѓани кои длабоко ја чувствуваме болката која ни ја всади трагедијата во Кочани. Сите сме изреволтирани, вознемирени и растревожени од континуираното потфрлање на системот и институциите. Како студенти на Правен, како никогаш досега се соочуваме со тоа дека правдата е само концепт и дека ништо нема да ни ги врати тие прекрасни, млади и надежни животи. Изразуваме големо жалење и негодување што нашите колеги – студентски претставници на Филозофскиот факултет, кои видено не ги познаваат своите надлежности, ниту одговорности (а се бирани од своите студенти), ја узурпираа ситуацијата да изманипулираат искрени и чесни студентски грла во трагедијата која нè снајде“, соопшти ФСС на Правниот факултет.

Согласно член 36 став 3 од Законот за високо образование, објаснуваат тие, студентско собрание на одреден факултет може да именува само двајца делегати во редовите на УСС. Законот остава простор истите делегати да се променат или отповикаат од страна на факултетското собрание кое ги избрало. Дополнително, додаваат, единствен механизам за изразување револт во случај на несогласување на ФСС со работата на УСС е отповикување на избраните претставници и да не именува нови.

„Уште повеќе, ФСС на Филозофскиот факултет, сè уште ги нема отповикано делегатите кои се претходно избрани, иако веќе ги преплавија медиумите за мало внимание „како изгласале недоверба“, туку напротив, истите делегати активно учествуваа на последната седница на УСС. Бараме јавно извинување од страна на членовите на студентското собрание на Филозофскиот факултет, не кон ФСС на Правен, кон УСС или кон УКИМ – туку кон сите нас, студентите, бидејќи го злоупотребуваат просторот со ширење лажни информации, кои за жал, се базираат на нивна правна лаичност“, соопштија студентите од ФСС на Правниот факултет.

Една од причините зад таа лаичност, се додава, е токму и партиската припадност на дел од членовите на тоа собрание, кои впрочем први ја споделија таа вест – не само по студентските канали на комуникација, туку и медиумите.

Тие нагласуваат дека легитимниот студентски гнев треба да биде насочен кон институционални промени и подобрување на системот, а не кон политички агенди кои немаат никаква врска со интересите на студентите.

„Неправото не продуцира право. Партизираните деца не најавуваат непартизираност. Неинформираноста не поттикнува просперитет и здраворазумно дејствување во едно општество. Трагедијата не е политички капитал. Во моменти кога болката нè разорува, а неправдата нè гуши, единственото и рационалното размислување се потребни повеќе од било кога. Тагата ни е заедничка. Гневот ни гори во градите. Но, не смееме да дозволиме да нè поделат токму сега, кога најмногу ни треба сплотеност. Ова не е време за лични агенди и индивидуално профитирање – ова е време за борба, за студентска солидарност и заеднички отпор против корупцијата и нефункционалниот систем. Животот е едноставен и нагло се менува. Видовме…“, соопшти ФСС на „Јустинијан Први“.

Организација потпишана како Независно студенско собрание на 18 март соопшти дека ФСС на Филозофскиот факултет изгласа недоверба на делегатите на УСС на УКИМ.

„Овој модел на студентско претставување е истрошен. Експериментот со УСС заврши, студентите на УКИМ ќе се самоорганизираат пленумски. Тоа за кое пред деценија студентите се бореа, никогаш не го добија. Наместо автентично претставување на студентскиот интерес, го добивме зависниот бирократски лавиринт наречен УСС на УКИМ. Студентите дека не можат да имаат претставнички тела контролирани од властите и партиите. Ова се наши универзитети“, соопшти Независното студентско собрание на УКИМ.“

Поврзани содржини