Илинден беше наша гордост. Сега е – наше понижување. Некогаш беше народен празник и сите ги славевме најзначајните датуми од нашата национална историја – илинденското востание од 1903 година и прогласувањето на современата македонска држава, на 2 август 1944 година. Денес, тоа е наше бедно откажување од самите себе.
Слушаш и гледаш и не можеш да веруваш дека целосно се капитулира пред безумната бугарска агресија. Политичарите, коишто ја водат државава, навистина се доста неуки, ама уште повеќе нечесни. Пред очи ни го газат македонизмот, ги разнебитуваат Македонците како народ, и бранат грозоморни туѓи интереси. Сепак, виновни сме сите зошто толерираме.
Последните седум години, народни непријатели ја водат Македонија. Ги премолчуваат сите бугарски фантазмагории и шокантни безобразлуци, не реагираат кога нѐ плукаат и понижуваат, и се прават отсутни. Се фатија за членството во ЕУ, како слепи за стап, и безмилосно го лажат народот дека е тоа решение за сите проблеми. Во Унијата, пак, нема да влеземе следните 20, 30… години.
По сѐ што се случи на овој Илинден, кога Софија ги премина сите граници на толеранција, нема веќе простор са тактизирање и има надеж дека филмот дефинитивно ќе пукне.
Затоа, запрепастува молкот на претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи (кој одамна отворено работи за туѓи интереси). Тоа е само нова и дефинитивна потврда за нивното целосно игнорирање на македонските национални и државни интереси. Народот мора да си ја земе судбината во свои раце.
Еве, кусо, што се случуваше во Софија, на Илинден 2023.
За прв пат, Илинденско – Преображенското востание се одбележа со највисоки воени почести. Додавката – „преображенско“ – е чист бугарски фалсификат, измислен во 1960-тите години, со цел да се избрише македонскиот карактер на востанието. Пораките на претседателот Радев и премиерот Денков, коишто се обратија на свеченоста, кажуваат сѐ и не оставаат простор за дилеми.
Радев: „Илинденско – Преображенското востание е најмасовниот израз на волјата за слобода на бугарскиот народ“! … „Гаранцијата за уставна еднаквост (во Македонија, де) ќе ги исполни заветите на Илинденците од 1903 година за еднаквост и правда“!
Денков: „Бугарската содржина и облик на востанието, но и на целото револуционерно движење во Македонија и Одринско е признато од сите“ … „Нашите сонародници во Македонија со живот платија за слободата“… „Неслучајно е што токму Бугарите биле движечката сила во најголемото востание против Османлиската империја во овие земји“!
Самото чествување, што досега не беше нивна пракса и, особено, испратените пораки, недвосмислено претставуваат целосно негирање на македонскиот народ и неговата историја, како никогаш до сега. Отворено ни беше кажано дека сме еден народ во две држави, дека историја ни е заедничка, поточно бугарска… Ова е неспорна потврда дека се работи за трајна бугарска политика. И до сега немаше никакви дилеми околу тоа, ама сега во лице ни ја плескаат нивната „вистина“.
По ова, на секој нормален мора да му биде кристално јасно дека само со бришење на Македонците, Бугарија ќе дозволи наше членство во Унијата. Софија не остава ништо недоречено – Бугари сме до 1944 година а потоа резултат на генетски инженеринг. Тоа е нивниот услов за наш влез во ЕУ.
По повод на 120-годишнината од смртта на Гоце Делчев, во мај 2023 година, Радев изјави – „Делчев е неуморен организатор и надалеку познат водач на Бугарите во Македонија и Одринско. Со својата невидена верба ги освои умовите и срцата на Бугарите“… „Ако Република Македонија денес тврди дека ги следи заветите на Делчев, таа ќе најде сила да ги вклучи во својот Устав неговите сонародници, за чија слобода го жртвуваше својот живот“!?
За Илинден, Радев му прати навредлива честитка на Пендаровски којашто овој, ако имаше и грам лично достоинство и ако воопшто држеше до угледот на Македонија, мораше да ја одбие. Во неа, Радев тврди дека Илинден е – „голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Македонија“, и повикува на – „заедничко одбележување на настаните од нашата заедничка историја…“.
По ваква невидена агресивност и отворено игнорирање на сѐ македонско, место од земјава да фрчат жестоки реакции, протести, пораки… и веднаш да се започне процедура за откажување на договорот за (не)пријателство и срамните протоколи – тотален молк!? Просто неверојатно.
Место тоа, по Илинден, во интервју со МИА, настаните во Софија, премиерот на Македонија ги нарече – „одредени чекори и провокации“ и дека – „со европски политики и одговорност од двете страни, може да се стигне и до европски односи“!?
Од Марс ли паднал човеков? Прво, Радев и тој другиот, тотално го негираат постењето на македонскиот народ, и тоа не се и не можат да бидат „одредени чекори и провокации“! И, второ, иако Софија секојдневно повторува дека нема Македонци, како можеш од таму да очекуваш „европски политики“?! Каква понизна сервилност!
Сосема спротивно на сето тоа што најбезобразно го демонстрираше Бугарија, прославата на 120-годишнината од Илинденско востание и 79-годишнината од АСНОМ, кај нас беше организирана на срамен начин. Политичарите, како да се натпреваруваа кој помалку ќе ја спомна државата Македонија а, ако може, и воопшто да не го спомне македонскиот народ. Како да газеа боси по стакло, максимално водеа сметка да не ги вознемират нашите докажани „пријатели“ – Бугарите, со било што македонско. Тоа беше толку нагласено и навредливо за секој од нас, што навистина мора да загрижува и да повикува на неодложна промена на овие капитулантски и предавнички политики.
Оваа година, Илинден изгледаше како да е забранет за граѓаните. Во Крушево, некогаш се собираа и по 20 илјади додека сега ги имаше во стотини. Имало повеќе обезбедување од народ. На официјалната делегација и свиркаа и викаа – уа. На Кале, пак, без народ, немаше ниту кој да им свирка, како што луцидно забележа Џевдет Хајредини.
Во одржаните говори, коишто беа апсолутно несоодветни за настанот, главна поента беше повикот за уставни измени. Безумноста одеше до таму, што тој погубен потег за македонскиот народ, беше претставуван дури и како исполнување на завет на Илинденците! Замислете – се согласуваат со Радев дека така било!?
Поголема глупост и будалштина од тоа, тешко може да се замисли. Тешка ментална девијација е ако капитулацијата со промена на Уставот, којашто значи голем исчекор во бришење на македонизмот – ја поврзеш со Илинден. Тоа е подлегнување на бугарската параноја дека нема Македонци.
Вулгарното илинденско негирање на Македонците во Софија, дефинитивно потврди дека само радикални промени во нашата досегашна надворешна политика можат да не извадат од ќор – сокакот, во којшто се доведовме со нашите досегашни катастрофално погрешни политики. Излез од тунелот, од кој не се гледаат никакви светла, можен е само со итно откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата понижувачки протоколи и отворање на нова процедура за нашето зачленување во Унијата.
Веќе секому мора да му е јасно дека, со сегашната преговарачка рамка, Софија нема никогаш да дозволи македонизмот, поточно македонскиот народ, да стигне до Брисел. Секому мора да му е кристално јасно дека – Брисел ги одобри и прифати бугарските ставови за македонскиот идентитет (Е. Фуере, „Слободен печат“, 14/7/2023) и дека е можно тоа да се промени само преку уништувањето на коренот а тоа е договорот за (не)пријателство.
Со овој договор, фигуративно, Македонија како да си купи мали и тесни чевли. Во таква ситуација, има две решенија – чевлите или се фрлаат, или се менуваат. Ние сме на потег.
* * *
На крај, и за оценката на американската амбасадорка, дека се лажни вестите дека е можна промена на преговарачката рамка! Прво, тоа не е нејзина работа. Второ, за тоа не решава Вашингтон. Трето и клучно, новинарот мораше да ја праша – а, како тоа, САД се повлекоа од договорот за климатските промени, којшто во Париз го потпиша нивниот претседател, заедно со другите светски лидери? Или, зошто се повлекоа од нуклеарниот договор за Иран, потпишан на највисоко ниво? Или, како тоа САД се повлекоа од договорот за Транс – Пацифичко Партнерство (ТПП) и 11 земји оставија на цедило?
Gорните примери потврдуваат дека, за САД, врвните меѓународни договори важат додека им одговараат. Ако е така, како тогаш една преговарачка рамка, којашто е играчка за мали деца во споредба со овие договори, е непроменлива Библија и Македонија не може да се повлече од неа?
Амбасадорке, Вие ширите fake news (лажни вести)!
П. С. Забележавте ли дека Агелер 100 пати рече „вашата земја“ а ниту еднаш Македонија?
И, кој нѐ негира? Бугарија? Или, зошто со сите сили Агелер запнала да менуваме Устав? За да ни помогне?