СРЃАН КЕРИМ НЕ ЗНАЕ ОД КОГО Е ОСЛОБОДЕН ШТИП НА 8 НОЕМВРИ 1944 ГОДИНА Требало да си го праша татка си Асан, кој бил во првите борбени редови!

„Ќе му објасни ли некој на господинот Срѓан Керим дека на 8 Ноември 1944 година Штип не можел да биде ослободен од бугарскиот окупатор, зашто Фашистичка Бугарија веќе капитулирала во септември 1944 година?“, пишува професорот Тони Дескоски на Фејсбук.

2,314

Срѓан Керим, поранешен македонски дипломат, претседавач на Генералното собрание на ООН и несуден кандидат за шеф на македонската држава, во објава на Фејсбук покажа фрапантно непознавање на историјата на македонскот народ, дури и за настани чиј директен учесник бил неговиот татко Асан Керим.

Имено, по повод Денот на ослободување на Штип, Срѓан Керим на Фејсбук напиша дека овој град пред 79 години се ослободил од бугарскиот окупатор. Тој потсети дека рамо со рамо со генералот Михајло Апостолски, во првите борбени редови бил и неговиот татко Асан Керим.

Ништо од сево ова не е неточно, освен една мала „ситница“, на која во пост на Фејсбук укажа Тони Дескоски, професор на Правниот факултет во Скопје.

„Г-н Керим требало да го праша татко си од кој окупатор партизаните го ослободиле Штип на 8 ноември 1944 година! Ќе му објасни ли некој на господинот Срѓан Керим дека на 8 Ноември 1944 година Штип не можел да биде ослободен од бугарскиот окупатор, зашто Фашистичка Бугарија веќе капитулирала во септември 1944 година? По капитулацијата на фашистичка Бугарија, окупацијата на Македонија е преземена целосно од Германија. Партизаните се бореле со Германците (и со нивните домашни квислинзи), есента 1944 година, кога се водени завршните битки за ослободување на Македонија“, појасни професорот Дескоски.

Штип бил окупиран и по капитулацијата на Бугарија, ама окупаторот веќе не била Бугарија, вели Дескоски и појаснува: „И не само тоа, на 8 ноември 1944 година, Бугарија веќе ја имала сменето страната и била во војна со Германија! Вакви несреќни и фактографски погрешни изјави ни ја влошуваат работата со Бугарија и се добра граѓа за градење на нивната приказна за анти-бугарска пропаганда“.
Поврзани содржини