„СПУТНИК V“ КАДЕ СИ? Македонците мечтаат за руските вакцини!
Пари не се уплатени за набавка на вакцини „Спутник V“, одговараат од Министерството за здравство на прашање од Плусинфо кога ќе стасаат нарачаните 200.000 дози од руската вакцина за кои во мај годинава беше потпишан договор.
Македонија преку договорот со рускиот фонд за директни инвестиции, кој беше потпишан во март, до крајот на мај требаше да добие 200.000 дози од „Спутник V“, но речиси три месеци подоцна од нив нема ниту трага ниту глас.
Запрашавме во Министерството за здравство што се случи со набавката на вакцината „Спутник V“, кога се очекува да пристигнат договорените дози, но оттаму добивме само штур одговор.
– Пари не се уплатени за набавка на вакцини „Спутник V“. За сите следни количини кои државата ќе ги добие ќе ја информираме јавноста – рекоа од Министерството за здравство за Плусинфо.
Се чини дека протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, кој на 18 мај од страна на македонското МНР беше прогласен за персона нон грата, како и најавените контрамерки од страна на Руската федерација, најверојатно имаа влијание на тоа нашата земја да не ги добие договорените 200.000 дози од вакцината „Спутник V“.
Иако во тој период рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин, како и министерот за здравство Венко Филипче, уверуваа дека договорените вакцини ќе пристигнат во нашата земја, еве три месеци подоцна, ништо од тоа не се случи, а нема ни најава дека ќе се случи.
Засега во Македонија пристигнаа околу 46.000 дози од руската вакцина, а 40.000 од нив се донација од соседна Србија. Од директниот договор со рускиот Инвестициски фонд нашата земја доби само 6.000 вакцини, првите на 3.000 на 7 март, додека другите 3.000 на скопскиот аеродром пристигнаа на 28 март.
И покрај тоа што во нашата земја голем број граѓани би сакале да се вакцинираат токму со „Спутник V“, за што покажува и анкетата на „Макфакс“, според која третина од анкетираните граѓани се определиле за руската вакцина, но и според информациите дека Македонците кои се вакцинираа во Србија ја избирале вакцината на рускиот производител, засега македонските власти не можат да им го овозможат тоа.
Доколку Русија не сака да испорача вакцини „Спутник V“ поради протерувањето на рускиот дипломат од земјава или поради која било друга причина непозната досега за јавоста, Македонија има алтернатива – да ја нарача оваа вакцина од Србија, која веќе неколку месеци ја произведува во Институтот „Торлак“.
Министерството за здравство смета дека нема потреба за дополнителна нарачка, затоа што, како што велат оттаму, во земјава во моментов има доволен број вакцини (Фајзер, АстраЗенека и Синовак). Со ова им се скратува можноста за избор на оние граѓани кои сакаа да се вакцинираат токму со руската вакцина, па поради тоа сѐ уште чекаат, се надеваат на пратката и не се имунизираат против вирусот ковид-19.
Во април министерот Филипче беше во посета на српскиот институт „Торлак“, при што изјави дека Институтот ќе биде стратешки партнер на македонските власти за набавка на вакцини против ковид-19.
– Ние за оваа година го имаме обезбедено и нарачано потребно количество вакцини. Но, со оглед на тоа што многу е веројатно дека оваа вакцина ќе стане сезонска, во иднина институтот „Торлак“ ќе биде првото место каде што ќе се обратиме за набавка на вакцини – рече тогаш Филипче по посетата на Институтот „Торлак“ во кој се произведува руската вакцина „Спутник V“.
Со досега пристигнатите 46.000 дози „Спутник V“, од Србија и од Русија, во Македонија почна масовната вакцинација против ковид-19. Прво беа вакцинирани здравствени работници, вработени во МВР, АРМ, во јавниот превоз, воспитувачки во градинките и медиумски работници.