СПРЕЧИВМЕ 8 ГРАДБИ НА ВОДНО Герасимовски ги слушна потребите на центарци
Граѓаните побараа и нови клупи, канти за отпадоци и подобрување на уличното осветлување.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со раководителите на секторите во општината, пред преполната сала во основното училиште „Димитар Миладинов“, денеска ја одржа втората трибина под наслов „Заедно одлучуваме“.
На вчерашната трибина одржана во основното училиште „11 Октомври“, жителите на населбата Пролет ги споделија со градоначалникот своите проблеми, предлози и идеи за тоа како да се подобри животот во нивната населба, но и во општината генерално.
– Оваа прва година завршивме повеќе од што ветивме. Во овој дел на Центар секогаш се грижиме хигиената да е на добро ниво. Тековно го одржуваме и се грижиме за секој дел од нашата општина – рече Герасимовски.
Тој на трибината наброја и дел од проектите кои се реализираа изминатата година.
– Во делот на урбанизмот, ветив и го одржувам зборот. Нема да дозволам градби, ниту ќе дадам одобренија на проекти кои отстапуваат од законите. Со почитување на законите стопиравме градба на 8 парцели на Водно. Инвеститорот сакаше да гради пристапен пат до лична парцела, но нагибот на патот каде требаше да се гради, отстапуваше од прописите. На Водно стопиравме и нелегална градба на улицата Христо Чернопеев – рече Герасимовски.
Многу важно за заштита на државното земјиште, додаде тој, е Иницијативата за измена на Законот за градежно земјиште која е поднесена до ЗЕЛС и до Министерството за транспорт и врски. Иницијативата се однесува на тоа дека приватни или физички лица ќе може да окрупнат парцела само ако поседуваат минимум 70% од земјиштето на парцелата, а не само 30% како што е според постојниот закон. Со ова ќе се спречат инвеститорите на мало парче земја да купат голем плац и да градат на целата површина.
– Донесовме и одлука, при секоја дозвола за градба инвеститорите да мора да планираат паркинг места за велосипеди. Мојата намера е да почнеме да ги менуваме навиките, зголемената употреба на велосипеди значително ќе го олесни движењето во сообраќајот, ќе го намали метежот и нервозите за стоење на семафори и сообраќајната култура – посочи Герасимовски пред присутните жители.
Градоначалникот се осврна и на она што досега е реализирано во овој дел од Општина Центар, како што се реконструкцијата на тоалетите во ООУ „Димитар Миладинов“, одржувањето на објектите на ЈУДГ „Р.Ј. Корчагин“, кои се наоѓаат во непосредна близина.
Претставникот од Секторот за финансиски работи на Општина Центар, Емил Николовски, го презентираше извршувањето на општинскиот Буџет за минатата година, тековните расходи на општината, но и планираните трошења за наредната година.
Граѓаните имаа можност директно на градоначалникот и на општинското раководство да им ги изнесат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат секојдневно, но и да дадат по некој предлог и идеја за тоа како би им се подобриле нивните животи во местата каде што живеат.
Градоначалникот Герасимовски во дискусија со граѓаните кои живеат околу Зелено пазарче им ги образложи и заедничките акции на општинскиот инспекторат со останатите надлежни институции кои се спроведуваат за регулирање на дивите препродавачи. Покрај ова, забелешките се однесуваа најмногу на степенот на хигиена на Зелениот пазар и состојбата со паркинзите.
Граѓаните побараа и нови клупи, канти за отпадоци и подобрување на уличното осветлување.
Герасимовски им се заблагодари на присутните, им посочи дека вратите на Општина Центар се отворени за секој граѓанин и дека општината стои на располагање за сите прашања или проблеми кои ги имаат.