СПРЕЧЕН ШВЕРЦ НА ЦИГАРИ, АЛАТКИ ЗА ТЕТОВИРАЊЕ, ВЕЛОСИПЕДИ Царината со полни раце работа во претходните 2 недели

Како што информираат од Царинската управа во некои случаи веднаш се поведени прекршочни постапки, додека за други е отворена и поширока истрага.

727

Во текот на изминатите две недели, царинските службеници низ целата држава пресекоа неколку обиди за шверц и нелегален увоз, откривајќи разнолика стока — од мотоцикл и игли за тетовирање, до цигари, детски сандали и фалсификувани документи.

Како што информираат од Царинската управа во некои случаи веднаш се поведени прекршочни постапки, додека за други е отворена и поширока истрага.






„Контролите се интензивирани и резултатите се видливи. Само во последниве 14 дена имаме привремено задржана стока во повеќе од десет случаи, од кои некои се особено сериозни – и по количината и по видот на прекршокот“, информираат од Царинската управа.

Еден од повпечатливите случаи се случил во Струмица, каде при увоз на моторцикл марка „Априлиа“ било утврдено дека документите се однесуваат на друг вид мотор, а вистинскиот мотор немал никаква правна основа. Моторциклот е веднаш запленет, а увозникот се соочува со прекршочна постапка.

На Меѓународниот Аеродром Скопје, цариниците во чекираниот багаж на патник со лет за Лондон пронашле 18 штеки цигари и 20 кутии тутун, сите без акцизни марки. Интересно е што патникот, македонски државјанин, се легитимирал исклучиво со бугарски пасош.

„Се работи за класичен обид за шверц. Кај овие видови стока, немаме компромис. Сè што нема документи и акцизни марки, се третира како шверц и се одзема веднаш“, објаснуваат од Управата.

Во друг случај, службата за мобилни скенери открила 5.476 парчиња опрема за тетовирање – игли, мастила и алат – скриени на горниот кревет во кабината на камион управуван од македонски државјанин. Ни за оваа стока не постоела никаква увозна документација.

Во близина на границата, во грмушки, се пронајдени 44 штеки и 9 кутии цигари, додека во друго возило при увоз се откриени дополнителни 12 штеки, без потребните документи. Во двата случаи се поведени прекршочни постапки, а во првиот случај акцијата е спроведена заедно со МВР.

Цариниците на граничниот премин Богородица во еден автомобил откриле 238 различни производи, од штитници и алат, до соларни рефлектори и играчки – сè тоа без соодветна документација.

Во камион со албански таблици на преминот Деве Баир, биле пронајдени 5.000 пластични делови за прозорци, исто така без документи, скриени во две кутии на горниот кревет во кабината.

Особено значаен случај е заплената на 3.755 пара детски сандали, 64 колички и 24 велосипеди на преминот Блаце. Стоката, натоварена во камион со косовски таблици, била со ознаки на заштитени трговски марки, а се сомнева дека се работи за фалсификати. Стоката е привремено задржана, а тече постапка за утврдување на нејзината оригиналност.

„Штетата што ваквата фалсификувана стока може да ја направи врз пазарот и потрошувачите е сериозна. Ние преземаме мерки веднаш штом се појави сомнеж“, додаваат од Царинската управа.

На граничниот премин Богородица, цариниците откриле и обид за користење на фалсификувана лиценца за меѓународен превоз. Возачот, македонски државјанин, приложил документ издаден на застарен, неважечки образец и не поседувал сертификат за професионална компетентност. Случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги.

Поврзани содржини