СПОРТСКИ ПРАЗНИК ВО СКОПЈЕ Светско училишно првенство во ракомет со млади од 21 земја
Скопје ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет од 21 до 29 април, со учество на 21 делегација и десетици екипи од целиот свет.
Главниот град на Македонија, Скопје, за првпат ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет, едно од најзначајните младински спортски натпреварувања. Првенството ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерација за училишен спорт на Македонија, под покровителство на Министерство за спорт.
Со овој престижен настан, Скопје ќе стане центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од повеќе земји со цел промоција на спортските вредности, фер-плејот и меѓународното пријателство.
Свеченото отворање ќе се одржи на 21 април во 19:30 часот на Плоштад Македонија, каде ќе има културно-уметничка програма и дефиле на учесниците.
На првенството ќе настапат 23 машки и 16 женски екипи, односно делегации од 21 земја. Натпреварите ќе се играат во повеќе спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“. Финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање.
Во рамки на шампионатот, на 25 април ќе се одржи „Cultural Day“, посветен на културна размена, додека истата вечер е планиран и „Nations Night“, каде делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија.
– Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот има длабока традиција кај нас и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување, туку домаќин на младоста и енергијата од целиот свет – изјави Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата за училишен спорт на Македонија.
Организаторите посочуваат дека настанот ќе придонесе за промоција на државата како атрактивна спортска и туристичка дестинација, како и за развој на училишниот спорт и меѓународната соработка меѓу младите.