СПОРТОТ ВО КУМАНОВО НЕ Е САМО РЕКРЕАЦИЈА, ТУКУ И НАЧИН НА ЖИВОТ И СИМБОЛ НА ЗАЕДНИШТВО Движењето ЗНАМ најави нови проекти во спортско Куманово
Во следниот период ќе градат нови спортско-рекреативни комплекси и модерни игралишта во сите делови на градот, велосипедски и трим-патеки, street workout зони и адреналински парк за младите...
Куманово е град кој отсекогаш пулсирал со спортски дух. Од салите и игралишта произлегле генерации талентирани спортисти, шампиони и идоли на младите. Градот кој ги изнедри освојувачите на олимписки медали и светски европски шампионати, Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, Бранимир Јовановски и многу други, повторно ќе раѓа нови спортски јунаци, изјави кандидатот за советник од листата на Движењето ЗНАМ, Синиша Филиповски на прес-конференција на која беа претставени проектите за спорт во Куманово
-Тоа се наши херои кои со гордост го носеле името на градот и на државата на Олимпијадите и на светските натпревари. Овде спортот не е само рекреација или натпревар, туку начин на живот – симбол на заедништво, борбен дух и гордост за целиот град. Во изминатите осум години докажавме дека знаеме да вложуваме во спортот и младите. Го реконструиравме најголемиот спортски објект во градот – Спортската сала, која денес е целосно обновена со професионален под по ФИБА стандарди, со модерно озвучување, осветлување, семафори и нови реквизити. Сала која е вистински дом за нашите спортисти и инспирација за новите генерации рече Филиповски.
Тој информира дека во претходниот период изградени се и обновени спортски игралишта во повеќе населби, создадени се услови за стотици деца и млади за секојдневно да тренираат, да се развиваат и да растат во здраво опкружување. Поддржани се повеќе од педесет спортски клубови, организирани се стотици спортски настани.
-Во следниот период ќе се вложи уште повеќе во: нови спортско-рекреативни комплекси и модерни игралишта во сите делови на градот, велосипедски и трим-патеки, street workout зони и адреналински парк за младите, во проширување на програмите за стипендии и награди за талентирани спортисти и ученици и во создавање услови за спорт и рекреација во секое училиште, со функционални сали, уредени дворови и училници на отворено -рече Филиповски.
Покрај ова целосно ќе се реконструира храмот на спортот Соколана – проект кој веќе е во тек. Ќе се постави и нов систем за греење и ладење за Спортската сала А, ќе се направи и реконструкција на спортскиот комплекс во поранешниот Дом на АРМ со мултифункционално игралиште, опрема и трибини.
-Дополнително, планирана е обнова и доопремување на спортските сали во повеќе училишта во градот и околните места што и припаѓаат на општината. Нашата заложба, нагласи Филиповски, е спортот да биде достапен за сите – за децата, за младите, за професионалците и за постарите генерации. Спортот обединува, гради тимски дух и нè учи на фер игра – рече Филиповски.
Според него, Куманово заслужува спортска инфраструктура која ќе одговара на неговиот потенцијал, спортски клубови кои ќе растат и ќе се натпреваруваат со најдобрите, генерации што ќе израснат здрави, дисциплинирани и горди на својот град.