СПОРЕД ТРАМП, ПУТИН БИ ПРИФАТИЛ БЕЗБЕДНОСНИ ГАРАНЦИИ ЗА УКРАИНА Ќе гарантираат европските држави, а САД ќе помагаат
Трамп и Зеленски изразија надеж дека денешните клучни разговори во Белата куќа со европските лидери би можеле да доведат до трилатерален состанок со рускиот претседател Владимир Путин, за да се стави крај на војната на Русија во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин прифаќа безбедносни гаранции за Украина, рече американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на состанокот со европските лидери во Белата куќа.
– Верувам дека Путин, во многу значаен чекор, се согласува дека Русија ќе прифати безбедносни гаранции за Украина – рече Трамп на состанокот на кој му претходеше состаник со украинскиот претседател Володомир Зеленски.
Трамп и Зеленски изразија надеж дека денешните клучни разговори во Белата куќа со европските лидери би можеле да доведат до трилатерален состанок со рускиот претседател Владимир Путин, за да се стави крај на војната на Русија во Украина.
Американскиот претседател, исто така, рече дека ќе ги поддржи европските безбедносни гаранции за Украина.
Тој не се обврза да испрати американски трупи за таа цел, туку рече дека ќе има „нешто како присуство во стилот на НАТО“ за безбедност, но сите тие детали ќе бидат договорени на денешниот состанок со европските лидери.
– Кога станува збор за безбедноста, ќе има многу помош. Европските земји ќе бидат вклучени. Тие се на првата линија на одбрана затоа што се таму, но ние ќе им помогнеме – рече Трамп.
Денешната средба беше брзо организирана откако Трамп разговараше со Путин во петокот во Аљаска и рече дека сега одговорноста паѓа на Зеленски да направи отстапки што би можеле да ја завршат војната.
– Доколку сè помине непречено денес, ќе имаме трилатерален состанок. Ќе работиме со Русија, ќе работиме со Украина. Доколку состанок во таков формат не се одржи, борбите ќе продолжат – рече американскиот претседател.
Трамп рече дека планира да разговара со Путин по денешните разговори.
Зеленски, исто така, изрази подготвеност за трилатерални разговори.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика да се одржи четиристран состанок на кој ќе учествуваат и Европејците, доколку американскиот претседател Доналд Трамп успее да ги донесе на преговарачка маса украинскиот и рускиот претседател.
– Мислам дека како продолжение веројатно ќе ни треба четиристран состанок, бидејќи кога зборуваме за безбедносни гаранции, зборуваме за целата безбедност на европскиот континент – рече Макрон.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на прекин на огнот во Украина пред самитот на лидерите.
– Не можам да замислам дека следниот состанок би се одржал без прекин на огнот, па ајде да работиме на тоа и да се обидеме да извршиме притисок врз Русија – рече Мерц.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека повеќе не верува дека преговорите за прекин на огнот се неопходен предуслов за постигнување мировен договор.
На мултилатералниот состанок со Трамп присуствуваа претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стаб и генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Целта на состанокот е да се стави крај на војната во Украина.
Дел од лидерите истакнаа дека во последниве недели е постигнат голем напредок во насока на завршување на војната во Украина.