СПОРЕД МИЦКОСКИ, СУДИИТЕ НЕ ГИ ЗАСЛУЖУВААТ ПЛАТИТЕ Судија зема 86.000 денари месечно, му одговори Здружението на судиите

Платите на најголем број на судии во основните судови со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и се под просечната плата, се вели во реакцијата од Здружението на судии.

170

Основно правно начело согласно домашните и меѓународните правни стандарди е да не се коментира неправосилна судска одлука, сè со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучувањето на повисок степен, реагира Здружението на судиите по реакциите во јавноста за условната пресуда на онкологот Мери Пешевска која призна вина пред Кривичниот суд за несовесно лекување во предметот Онкологија.

„Поради тоа и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како „Онкологија“ – донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар. Во врска со „вечната тема“ за платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во основните судови со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнува до 86.000 денари. А примањата на судските службеници се исклучително ниски и се под просечната плата“, се вели во реакцијата на Здружението на судиите.






Ваквите плати на судиите и секако на судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко, се додава во соопштението.

Премиерот Христијан Мицксоки повтори дека смета дека судиите не ги заслужуваат платите.

– Моите ставови за обвинителството и судството се многу пати кажани и разговарани, па секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во процесот на испорака на законите кои значат реформи во судството и обвинителството, сакам јавноста да знае дека станува збор за 6 закони каде основната суштина е зголемување на буџетот, кој директно ќе имплицира зголемување на платите на судиите и на обвинителите, кои имаат рејтинг од 2%. Се бара зголемување на 0,8% од БДП за судиите, а за обвинителите 0,5% од БДП. Секогаш чувствувам некаква мачнина бидејќи тие и овие плати сега што ги земаат, не ги заслужуваат, имајќи ги предвид ваквите судски одлуки, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање да ја коментира пресудата за докторката од Онкологија.

Како да се зголеми буџетот на судовите, кој е два до три пати повеќе од некои земји членки на ЕУ, додаде Мицкоски.

– Така што, сакам граѓаните да знаат дека, сите оние експерти, така наречени, кога излегуваат во јавност и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите правосудството – ова е суштинската реформа. Како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8% од БДП, а на обвинителите од 0,5% од БДП, што е да речеме 2 до 3 пати повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме и 3 пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема, дали и овие плати тие ги заслужуваат, коишто сега ги земаат – рече Мицкоски.

Поврзани содржини