СПОКОЈНО МОЖЕ ДА СЕ ДИШЕ ВО ТРУБАРЕВО Министерството уверува дека во воздухот нема опасности за здравјето на граѓаните
PM₁₀ честичките во Трубарево далеку под дозволената граница, покажуваат најновите мерења на Министерството за животна средина и просторно уредување.
Во последните 24 часа во зоната на Трубарево е спроведен мониторинг на квалитетот на воздухот, а резултатите покажуваат дека концентрациите на суспендирани цврсти честички PM₁₀ се во рамките на дозволените граници и не претставуваат ризик за здравјето на граѓаните.
Како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, мерењата биле извршени во периодот од 18 до 19 септември со автоматскиот систем AMBICON RTM–PM и сертифицираниот инструмент ES-642 METONE, USA, кој овозможува следење на концентрациите во реално време.
„Просечната концентрација на PM₁₀ изнесуваше 9.8 µg/m³, максималната забележана вредност беше 43.3 µg/m³, додека моменталната измерена вредност изнесува 8.2 µg/m³. Овие резултати се далеку под дозволената 24-часовна гранична вредност пропишана за заштита на здравјето“, велат од Министерството.
Од институцијата нагласуваат дека не е евидентирано надминување на граничните вредности и дека воздухот во овој дел од Скопје се движи во безбедни рамки.
„Ќе продолжиме со редовно следење на квалитетот на воздухот и ќе ја информираме јавноста навремено, особено во делови каде што често се регистрира загадување. Нашата цел е транспарентност и заштита на здравјето на граѓаните“, додаваат од Министерството.