СПИСОЦИТЕ СО ЗАТВОРЕНИЦИТЕ НЕ НИ СТИГНАЛЕ КАЈ ПЕНДАРОВСКИ Финалните предлози за помилување допрва ќе го поминат филтерот на Маричиќ
Комисијата за помилување воопшто не е закажана и предлозите од Министерството за правда допрва треба да бидат филтрирани. Финалните предлози сè уште не се пристигнати кај нас, а Комисијата ќе биде закажана тогаш кога ќе пристигнат финалните предлози, брифираат наши извори од Кабинетот на претседателот.
Финалните предлози за помилување осуденици сè уште не се пристигнати кај претседателот на државата, па затоа и Комисијата за помилување воопшто не е закажана, брифираат наши извори од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, откако дел од медиумите објавија дека состанокот на Комисијата за помилување бил закажан за денеска во 14 часот, но дека е откажан.
– Излегува дека никој не ја знае постапката за помилување, а всушност сè е јасно и сè е добро објаснето. Има два типа на помилување. Едниот тип е индивидуално помилување, а другиот тип е групно помилување. Групни помилувања се прават само двапати годишно, односно за Нова година и за празникот Илинден. Во групните помилувања, директорот на затворот предлага група осуденици која ќе биде помилувана. Во случајов, Комисијата за помилување воопшто не е закажана и предлозите од Министерството за правда допрва треба да бидат филтрирани. Финалните предлози сè уште не се пристигнати кај нас, а Комисијата ќе биде закажана тогаш кога ќе пристигнат финалните предлози – брифираат нашите извори од претседателскиот кабинет.
Од друга страна, пак, заменик-министерот за правда, Агим Нухиу, предмалку објави дека листата за помилување затвореници е повлечена.
„Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!“, напиша Нухиу на Фејсбук.
Денеска во јавноста исплива списокот за помилување затвореници, кој содржи вкупно 48 имиња на осуденици. Помеѓу нив, се спомнуваат и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, на сведокот за „27 април“, Александар Василевски-Нинџа, како и на Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4-годишниот Алмир во Куманово.