Спикерот Џафери за предолгата пауза: Не сум лут и нервозен, но не сум и вреќа за удирање, па на мене да си го лечите стресот!
Собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев, по едночасовната пауза, продолжи попладнево со реакција на спикерот на Собранието, Талат Џафери, којшто влезе во речиси празната собраниска сала и им забележа на пратениците дека оние коишто барале сите да бидат точни, и самите тоа да го почитуваат .
Неколку минути задоцни и мандатарот Зоран Заев, а по него влегоа и неколку министри.
– Пратениците кои бараат точност добро е да ги почитуваат нивните барања. Истото е и за продолжување на седницата. Ако одморот беше до 15 и 15 часот, почитуваните господа треба да бидат конзистентни во барањата, координаторите да обезбедат кворум и услови за да се носат одлуки. Уште еднаш ќе ви повторам – јас не сум лут и нервозен, но не сум и вреќа за удирање, па на мене да си го лечите стресот – рече Џафери.
За доцнењето денеска му забележа и пратеничката Гордана Силјановска оти седницата започна со 40-на минути задоцнување.
Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пак забележаа дека ги нема пратениците од власта, на што Џафери одговори – секој одговара за себе.
Попладнево неколку пратеници и од власта и од опозицијата ја продолжија дебатата околу изборот за нова влада, со про и контра аргументи.
Само што започна уште една пауза, којашто ќе трае до 18.15 часот, а Џафери најави дека седницата денеска ќе трае до 19.30 часот. Собранието утре продолжува со работа, а се очекува најдоцна до пред полноќ да биде избрана новата влада.