Спектакуларно достигнување: По 43 години, битолската болница ќе добие нов рентген апарат!
Капацитетот ќе биде меѓу 90 и 120 легла кои првично ќе се користат, па ако има потреба ќе се прошируваме во старата зграда - рече Билјана Гагачовска, директорка на Клиничка болница Битола.
Модуларниот Ковид-центар, за чие подигање почнаа подготовки до Клиничката болница во Битола, ќе биде опремен со нова медицинска опрема со цел пациентите да имаат подобри услови за лекување, а и медицинскиот кадар за работа. Ќе добие и нов рентген апарат, покрај постоечкиот во Клиничката болница во Битола кој е стар 43 години, објави СДК.мк.
– Модуларните болници стигнуваат целосно опремени од кревети, рентген апарати, ехо, клими. Она што ќе го добиеме се најсовремени услови за третман со сеʹ што е потребно, вклучително и рентген апарати и ехо. Рентген апаратот што го имаме е од 1977 година. Капацитетот ќе биде меѓу 90 и 120 легла кои првично ќе се користат, па ако има потреба ќе се прошируваме во старата зграда – рече Билјана Гагачовска, директорка на Клиничка болница Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска вели дека интензивирани се подготовките на терен, а фирмите што се вклучени синхронизирано работат за да се подигне болницата што е можно поскоро. Според очекувањата, тоа ќе биде за три недели, но Петровска вели имајќи ги во предвид околностите дека може да се појават и позитивни случаи меѓу лицата вклучени во изведбата, не е добро да се прецизира краен рок, иако ќе се вложи максимумот.
Во постоечкиот Ковид-центар на Инфективното одделение во Битола денес има 70 пациенти и 13 слободни кревети. Во случај бројот да се искачи над максимумот, ако не е готова модуларната болница, тие ќе се сместат на Физикалното одделение кое е веќе подготвено да стане Ковид-центар 2.
– Сметам дека искористувањето на останати капацитети од болницата не е вистинско решение. Вистинското решение е во вакви модуларни болници зашто знаеме дека покриваме како Клиничка болница голем регион, па не треба да застанат и другите активности – рече Петровска.