СПЕКТАКЛ СО СЕДУМ ГОЛА Сити победи и се изнапромашува, Бензема го остави жив Реал! (ВИДЕО)

Реванш натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити на „Сантијаго Бернабеу“ е закажан за осум дена.

312

Фудбалерите на Манчестер Сити славеа во спектакуларниот натпревар против Реал Мадрид со 4-3 (2-1) во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите. Иако избраниците на Пеп Гвардиола беа во константна предност, Реал трипати се враќаше од два гола негатива и со активен резултат го чека реваншот.

Натпреварот тргна со неверојатно брзо темпо, а резултатот беше отворен по само 95 секунди игра. Акцијата од десната страна во два потега резултира со погодок, откако Ријад Марез упати центаршут, а со глава Кевин Де Брујне го матира Тибо Куртоа за 1-0. Погодокот предизвика одушевување за домашните фанови, а шок за гостинскиот табор.






Почетниот шок беше голем, па така „граѓаните“ успеаја да го материјализираат тоа. Течеше 11. минута од дуелот кога домаќинот дојде до двојна предност преку Габриел Хесус. Де Брујне дојде до позиција и нафрли на пеналтикот, топката дојде до Давид Алаба кој се обиде расчисти, меѓутоа ја смири за Бразилецот. Хесус не го прости киксот и ја пласира топката крај Куртоа за веќе убедливи 2-0.

Иако темпото на игра опадна бидејќи четата на Пеп прејде на сигурни додавања без ризик, во првиот половина час имаше многу возбудувања. „Граѓаните“ имаат за што да жалат бидејќи испуштија две колосални шанси. Марез се проби откосо и беше себичен со удар крај голот, додека одлична можност имаше и Фил Фоден.

Реал трпеливо чекаше своја шанса, се закани преку Алаба по еден прекин и го опомена домаќинот. Гостинската надеж ја врати Карим Бензема во 33. минута од дуелот. Французинот уште еднаш демонстрира класа и по центаршут на Менди од прва со волеј погоди за 2-1. По содржајниот старт на дуелот, до полувремето се играше помирно, а Пеп принудно го прати во игра Фернандињо на местото на Стоунс.

Второто полувреме тргна како првото, со отворен гард на двете екипи и тоа донесе нова можност за Марез. Алжирецот пак се проби откосо и биеше во стативата, додека одбиената топка на Фоден заврши во блокот. Младиот Англичанец бргу се оддолжи за промашувањето, бидејќи во 53. минута по нафрлување на Фернандињо со глава стрела за 3-1. Сепак, Реал одново бргу се врати во игра. Две минути по голот на Фоден, Винициус Жуниор реализира по соло продор од испразнетата десна одбранбена страна за 3-2.

Продолжи играта со висок интензитет, а Лапорт ги тестира можностите на Куртоа пред Сити да постигне и четврти погодок. Де Брујне проби кон средината, беше фаулиран, но судијата Истван Ковач пушти предност. Иако дел од дефензивците на Реал запреа, тоа не беше случајот со Бернардо Силва кој ја собра топката, повлече кон лево и ефектно го матира Куртоа за 4-2.

Ниту тоа не беше сè на овој спектакуларен натпревар. Марез промаши нова колосална шанса, а неколку минути подоцна Лапорт беше невнимателен и играше со рака. Реал Мадрид доби пенал кој во 82. минута го реализира Карим Бензема. Французинот не знае да дава обични голови, па така и од белата точка храбро со „паненка“ стрела за конечните 4-3. До крајот на дуелот немаше други возбудувања и Манчестер Сити со гол предност оди во Мадрид.

Реванш натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити на „Сантијаго Бернабеу“ е закажан за осум дена.

Поврзани содржини