СПЕЦИЈАЛЕН СУД НА ЕУ ЌЕ ГО ГОНИ ПУТИН Најдовме пари да го финансираме трибуналот, вели Калас

Го основавме овој специјален трибунал за кривично дело агресија, но сега обезбедуваме и финансирање за овој трибунал, рече високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

353

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска во Киев изјави дека Унијата започнала со финансирање на специјален трибунал за кривично гонење на рускиот претседател Владимир Путин и други високи руски функционери за кривично дело агресија против Украина, повикувајќи ги земјите-членки да го сторат истото.

– Го основавме овој специјален трибунал за кривично дело агресија, но сега обезбедуваме и финансирање за овој трибунал – рече Калас за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.






Калас изјави дека без одговорност нема праведен и траен мир.

На прашањето за американските ракети „Томахавк“ за кои американскиот претседател Доналд Трамп неодамна рече дека може да ги испрати во Украина ако војната не се реши, Калас рече дека од Киев зависи дали му се потребни за одбрана.

– Не е наше да кажеме, туку на Украина да каже што навистина ѝ е потребно – рече Калас.

Калас денеска отпатува во Киев за да разговара со украинските претставници за финансиската и воената помош, енергетската безбедност и одговорноста на Русија за воените злосторства.

На заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибих, Калас објави дека ЕУ веќе обезбедила 800 милиони евра за поддршка на Украина во текот на зимата, првенствено за купување генератори, додека дополнителни 100 милиони евра се планирани за опрема и засолништа при ниски температури.

Зеленски денеска изјави дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон в петок, каде што се очекува двајцата лидери да разговараат за оружје за Киев во војната против Русија, првенствено ракети „Томахавк“ со долг дострел.

Во изјава за новинарите во Киев, Зеленски рече дека споделил со американскиот претседател „визија“ за тоа колку американски ракети „Томахавк“ ѝ се потребни на Украина во војната против Русија. Тој додаде дека ќе разговара за деталите со Трамп в петок.

Еден од изворите запознаени со планирањето на состанокот рече дека се очекува главните теми да вклучуваат воздушна одбрана, дополнително американско оружје за Киев и потенцијално враќање на Русија на преговарачката маса.

Поврзани содржини