СПЕЦИЈАЛЦИ СО ОКЛОПНИ ВОЗИЛА ЌЕ ГИ РАСТЕРУВААТ ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ? Планот на Пенов е многу ризичен
Постои можност за насилно отстранување на блокадите, но тоа може да доведе до немири, па затоа се препорачува да се избегнат судири, да се седне на маса и да се најде решение за да се обезбеди проодност на улиците во Скопје.
Изјавата на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, дека владата има инструменти насилно да го прекине протестот на приватните превозници кои си ги бараат парите коишто, според нив, им ги должат Град Скопје и ЈСП Скопје, предизвика лавина реакции. Единствениот инструмент кој може да се употреби во случајов е ангажирање специјални единици, кои со оклопни транспортери би се обиделе да ги растераат приватните превозници од крстосниците, што претставува многу ризичен потег што може да предизвика сериозни последици.
Со ваквата изјава на Пенов се поставува прашањето за тоа дали Македонија, како демократска држава, во која според Уставот е загарантирано правото на протест, можеби се преориентира кон некое друго државно уредување, какви што сѐ уште го има во некои комунистички земји, како и во други диктаторски режими.
Ленин бара разбирање и поддршка од скопјани
Во изјава за Плусинфо, директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вели дека изјавата на министерот Пенов е загрижувачка и дека треба секој да се запраша каква порака тој сакаше да испрати.
– Ако некој државен функционер наумил на каков било начин да растури мирен и законски пријавен протест, а притоа државата да одговори со насилство, тогаш целата јавност, како тука, така и во странство, треба да се запраша што се случува во главите на луѓето кои се на толку високи позиции. Нарушувањето на демократското право на протест, некој да ти се заканува дека со насилство ќе возврати, не верувам дека сѐ уште го има дури и во некои од комунистичките држави или некаде каде што владее диктатура – вели Јовановски.
Тој додава дека тука повеќе не станува збор за прашањето што велат Ленин или некој друг – новинарите, невладините организации, но и странските мисии во земјава треба да се запрашаат што се случува со уставното уредување во Македонија. Бидејќи, доколку нешто е сменето, секој којшто утре ќе протестира, барајќи си ги своите права, насилно ќе биде отстранет од улиците.
Јовановски побара и од скопјани да ги разберат, бидејќи и тие се вклучени во овие протести, на индиректен начин, затоа што мора да знаат каде завршиле и нивните пари.
– Го разбирам гневот на граѓаните. Доцнат на работа, не можат да ги извршуваат навреме обврските, но барам нека се запрашаат – еве, четири месеци ги користеле нашите услуги, плаќале за тоа, па сега ние го бараме тоа што нам ни следува, тоа што скопјани го платиле и тоа што треба нам да ни биде исплатено. Треба и тие да знаат каде точно завршиле нивните пари коишто ги дале при купувањето месечен билет, дневен билет или со мобилен телефон – додава Јовановски.
Павле Трајанов: Може и со сила, ама не е паметно
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов за Плусинфо објаснува дека постои можност за отстранување на блокадите, но тоа може да доведе до немири, па затоа препорачува да се избегнат судири по улиците, да се седне на маса и да се најде решение да се обезбеди проодност на улиците во Скопје.
– Инструментот за кој говори министерот Пенов е употреба на полициски единици и сила, затоа што има технички можност возилата да се отстранат. Сепак, тоа ќе биде исклучително тешка и ризична операција, бидејќи и не е лесно 200 автобуси да бидат туку така отстранети од улиците. Тогаш може да се очекува да има спротивставување, а тоа може да доведе до судири. А верувам дека не сакаме да бидеме сведоци на такви сцени. Затоа не препорачувам таква одлука – ни изјави Трајанов.
Тој посочи дека кога има вака сложен проблем, најдобро за сите е да се најде решение преку разговор и договор.
– Јас го разбирам правото на протест, затоа што се прават огромни штети на граѓаните и Скопје е блокиран град. Меѓутоа, потребно е да се вклучат сите страни во разговорите и така да се надмине проблемот. Кога мислам сите, тука мислам на Град Скопје, ЈСП Скопје, Владата, министерот за локална самоуправа, како и секој друг којшто може да даде решение на проблемот. Значи, не се тие некои големи побарувања, претпоставувам дека може да се исплатат на рати, но потребна е добра волја, како политичка, така и државничка – додава Трајанов.
Владата и МВР засега молчат за планот на Пенов
За идејата на министерот Пенов со посебен инструмент да се реши проблемот, односно насилно да се тргнат автобусите од улиците, ја прашавме и владата. Побаравме прецизирање на изјавата на ресорниот министер и објаснување дали и како се планира насилно отстранување на приватните превозници од улиците и дали е демократско уредно најавен мирен протест да се растури се употреба на сила.
За жал, до објавувањето на овој напис не добивме одговор од Владата. Истоветно прашање поставивме и до Министерството за внатрешни работи, бидејќи малку е веројатно без интервенција на МВР може да се спроведе планот на Панов. Но и од таму засега молк.
Јовановски ни рече дека приватните превозници остануваат и натаму на улиците, при што очекуваат нивните долгови да бидат исплатени. Тој додаде дека градоначалничката Данела Арсовска, по изнесените лаги и обвинувања за нив, тешко дека ќе има лице да седне да преговара со превозниците, па упати апел да се вклучат сите што можат да помогнат во решавањето на нивниот проблем.
ПРИСТИГНА ОДГОВОР ОД МВР:
Ве известуваме дека протестот е уредно пријавен во МВР на РСМ согласно Закон за Јавни собири предвидено во член 3:
„Заради интересите на безбедноста организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на јавниот собир и мерките што се преземени за неговото одржување. Известувањето за јавен собир од ставот 1 на овој член се поднесува во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи на чие подрачје се одржува јавниот собир најдоцна 48 часа пред почетокот на одржувањето на најавeниот собир. Во известувањето организаторот ги наведува следниве податоци: целите на одржувањето на јавниот собир; местото и времето на одржувањето; организаторот на јавниот собир; мерките што организаторот ги презел во врска со непречено организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организирање на редарската служба“;
Ве известуваме дека МВР постапува согласно член 6 од овој Закон:
„Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случаите кога истиот е насочен кон:
– загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и
– загрозување на животната средина.
Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот“.
Во однос на тоа дали се прекршени член 4 и член 6 од Законот за јавни собири на РСМ Ве известуваме дека истите до 06.12.2022 година не се прекршени;
Ве известуваме дека МВР на РСМ постапува согласно позитивните Закони на РСМ и Уставот на РСМ;