СПЦ ИМ ФРЛИ АНАТЕМА НА ДВАЈЦА КРИТИЧАРИ НА ВУЧИЌ Кога ќе починат нема да бидат погребани според православните обичаи
И двајцата се верници, а едниот од нив беше свештеник до одлуката на СПЦ од 29 јануари. „За мене, ова е голема чест и високо признание што ми го дадоа Црковниот суд и српскиот патријарх Порфириј“ - изјави поранешниот свештеник Миличевиќ.
Српската православна црква (СПЦ) екскомуницираше двајца истакнати критичари на режимот на претседателот Александар Вучиќ, теологот Благоје Пантелиќ и свешетникот Вукашин Миличевиќ, објавија медиумите во Србија.
Со одлука на Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија, Пантелиќ и Миличевиќ се трајно екскомуницирани од црковната заедница на Српската православна црква. Оваа одлука значи дека по нивната смрт, нивните семејства нема да можат да ги погребаат според православните обичаи. И двајцата се верници, а Миличевиќ беше свештеник до одлуката од 29 јануари.
– За мене, ова е голема чест и високо признание што ми го дадоа Црковниот суд, како и неговиот претседател, српскиот патријарх Порфириј – рече Миличевиќ по повод неговата екскомуникација.
– Ветувам дека ќе продолжам да се трудам да ја оправдам довербата што ми ја дадоа со оваа одлука и дека ќе продолжам, каде и да имам можност, да ја разоткривам и посочувам лицемерието на сегашното раководство на Српската православна црква, нивните ереси и срамни постапки со кои тие предизвикаа и предизвикуваат неизмерна штета на Црквата, која, во соработка со мафијашкиот режим, целосно ја узурпираа и потчинија за да им служат на своите криминални и воинствени цели – додаде тој.
Теологот Благоје Пантелиќ ќе поднесе жалба до повисок црковен орган. Српската православна црква покрена постапка против Пантелиќ и Миличевиќ минатото лето, иако не беше сосема јасно зошто. Се верува дека Црквата сакала да ги казни за нивните јавни изјави и нивните ставови за односот на Црквата со режимот на Александар Вучиќ. Кон крајот на ноември, Пантелиќ доби писмо во кое обвинителот на Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија бара казна за него.
– Ова е трајна екскомуникација. Или, како што би рекол патријархот: анатема. Ако патријархот го одреди ова, тогаш, на пример, кога ќе умрам, моето семејство нема да може да ме погреба според православните обичаи, односно свештеник нема да има право да го изврши мојот погреб – рече Пантелиќ.
Според Вукашин Миличевиќ, „сето тоа е претстава, а Српската православна црква најверојатно ќе преземе мерки официјално да го лиши од свештеничкиот чин, а потоа да го исклучи од црковната заедница“.
По сослушувањето пред Црковниот суд, Миличевиќ изјави дека стои зад секој збор што го кажал јавно, со најдобра намера да го зачува она што останало од угледот на Српската православна црква.
– Единствениот начин да ги променам моите ставови е да се соочам со аргументи, и додека не ги видам, нема промена на ставовите. Не стануваше збор за кривични дела, туку тие наведуваа обвинувања и ме прашуваа дали стојам зад нив и дали знам што сум прекршил. Не го прекршив евангелскиот закон, туку со моите јавни настапи ги почитував вредностите содржани во него. Можев да докажам дека оние против кои јавно зборував го претворија евангелието во предмет на потсмев – рече Миличевиќ.