Спасовски во „Само интервју“: Сопствениците на миленици ќе мора да си го организираат времето
Секој мора да ги почитува мерките што ги презема Владата со цел спречување на ширењето на коронавирусот во земјава - рече Спасовски.
Исклучоци не може да правиме за секој што ќе побара, одговори премиерот Оливер Спасовски во денешното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, откако беше запрашан дали Владата ќе им излезе пресрет на сопствениците на домашните миленици кои бараат да бидат исклучени од полицискиот час за да можат да ги шетаат своите кучиња.
– Не може да правиме исклучоци за секој што ќе побара да биде изземен од полицискиот час. Се знае што е вонредна состојба и многу добро се знае што значи рестрикција во движењето. Секој граѓанин треба да си го организира времето и да биде дисциплиниран. Секој мора да ги почитува мерките што ги презема Владата со цел спречување на ширењето на коронавирусот во земјава – рече Спасовски.
Тој претходно рече дека единствените што ќе бидат изземени од полицискиот час ќе бидат земјоделците кои се занимаваат со раноградинарска култура.