Оваа година, верниците своите молитви за Велигден ќе ги испратат од дома, за победата над смртта ќе се помолат од своите домови, така ќе биде и за Рамазан. Тоа нема да не направи послаби верници, напротив тоа ќе ни го зајакне духот, зашто ќе знаеме дека со тоа спасуваме живот, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски и порача празничните честитки да ги упатиме преку телефон или по Интернет и да останеме дома, откако претходно ги обелодени новите поригорозни мерки за полицискиот час кои ќе се спроведат на целата територија на државата од среда..
– Никој нема право да загрози туѓ живот, народот и државата можат само заедно да го спречат ширењето на вирусот. Сведете ги физичките контакти на минумим, сега херојството е да се седи дома. Излегувајте само ако е неоппходно и придржувајте се до мерките. Заканата е страшна затоа нашето онесување мора да биде радикално – рече Спасовски и повтори дека според експертите пикот на заразата допрва доаѓа при што се очекува да стаса до 2.500 заболени.
На предлог на Комисијата за заразни болести во рамки на Министерството за здравство и Генералниот кризен штаб, донесе дополнување на Одлуката за забрана за движење на граѓаните во целата територија на државата, односно за продолжување на полицискиот час на целата територија на државата. Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 05 часот наредниот ден, рече Спасовски.
За лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.
За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.
За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници, матичните лекари и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи.